Македонија
2. October 2018 - 12:39

Почнува процесот за реформирање на УБК, во оптег три модели

Три модели се во оптег за спроведување на реформите на Управата за безбедност и контраразнавање, како дел од реформите на безбедно-разузнавачките служби и обидите за ставање крај на партиски, политички и какви било други влијанија врз работата на овој сектор. 

Ова го најавија денеска на прес-конференцијата министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и директорот на УБК, Горан Николовски.

Спасовски истакна дека уште денеска на владина седница ќе поднесе информација за претстојните реформи, ќе биде формирана работна група која ќе го спроведува целокупниот процес на консултации со сите чинители коишто се релевантни во овој сегмент. Предвидено е консултациите да почнат од овој месец и да завршат до 15 ноември.

- Во следниот период ќе го избереме моделот, по кој ќе се одвива реформата на УБК. На седница на Влада денеска ќе поднесам информација, со која ќе ги образложам причините за ваквата реформа. Предвидено е МВР да одржи повеќе консултации и дебати со релеванти чинители, по што ќе биде избран најсоодветниот модел. Овој процес ќе го води работна група, која ќе се формира од надлежните државни институции, но и со претставници од академската област и граѓанското општество, појасни министерот Спасовски. 

По завршувањето на консултациите заклучоците ќе бидат проследени до Владата со соодветен акционен план. 

- Целта е добиеме служба која ќе се темели на високи професионални стандарди, почитување на етички кодекс и современи методи на работа и дејствување, служба која ќе биде заштитена од негативни политички влијанија и нејзина единствена задача и должност ќе биде да ги штити безбедноста и сигурноста на граѓаните, истакна Спасовски.

Потсети дека злоупотребата на безбедносно-разузнавачките служби, особено на УБК предизвика сериозна политичка криза во земјава и го наруши угледот на демократијата.

- Членството во ЕУ и НАТО подразбира постоење служби, кои ќе бидат рамноправни со службите на земјите сојузнички, рече министерот. 

Во рамки на проектот изработен со ДИКАФ направена е анализа на оваа реформа, постојат три модели, а Спасовски без да ги изнесе деталите за нив напомена дека засега не се префрерира ниту еден од нив.

- Ќе ги разгледаме во периодот на консултации, ќе разговараме со новинарите, дипломатскиот кор, академскиот сектор и на крај ќе одлучиме. Сакаме да ги видиме предностите и слабостите на секој од нив, додаде тој. 

Директорот на УБК Горан Николовски изрази уверување дека на крајот од консултативниот процес ќе се постигне успех и ќе се одбере модел, кој ќе гарантира професионална и департизирана служба, кој ќе гарантира трансапрентност и ќе успее да ги заштити интересите на државата и ќе работи во интерес на граѓаните.

Спасовски посети дека реформите на системот на следење на комуникации од кои произлезе формирањето на ОТА, како дел од посеопфатната задача за реформирање на безбедносно-раузнавачкиот систем успешно се спроведуваат. Додаде дека се преземаат сите оперативни и логистички активности и согласно Законот за следење на комуникации ќе почне со работа не подоцна од 1 ноември оваа година.