Почнува процес за реконструкција на Инфективна – Битола
Ќе се реконструира Инфективното одделение во битолската болница кое со ковид пандемијата стана регионален Ковид центар. Објектот е во лоша состојба, а директорката на болницата вели дека е време да се подобрат условите во старата зграда каде долго време не било интервенирано. Во тек се административните подготовки за изработка на архитектонски проект за целосна реконструкција и реновирање на зградата на Инфективното одделение со средства од Министерството за локална самоуправа.
-Заедно со министерот за здравство веќе и преку бизнис секторот подолг период е започната иницијатива за собирање средства за целосна реконструкција на инфективното одделение, тоа тоа е подолготрајна работа, и зема подолго време за да се санира цела состојба. Во овој период планирано е да се подобрат условите на постоечкото Инфективно одделение додека се започне со целосна реконструкција и ревитализација на објектот. Почнуваме и со одредени донации за санации, ЈП Водовод започнува со санација на два санитарни чвора во Ковид 1 одделот, изјави д-р Билјана Гагачовска, директор на Клиничка болница Битола.
Новите евентуални хоспитализации од најавениот есенски бран ќе бидат во модуларната болница.
-За почеток, новите пациенти кои би ги имале во евентуалниот есенски бран ќе бидат сместени во Модуларнaта болница, која е нова, опремена, располагаме со 90 кревети. Сепак, мораме дa бидеме подготвени, да ја имаме и старата зграда, но нема да бидат хоспитализациите во старата болница, туку во модуларната, вели Гагачовска.
Инаку после една година, на инфективното одделение во Битола нема хоспитализиран пациент од Ковид 19.
-
Маја Богоевска
Сите содржини од овој новинар
