Македонија
13. јуни 2016 - 8:55

Почнува ликовната колонија „Љубанци 2016“

Од денеска почнува шестата ликовна колонија „Љубанци 2016“ на која ќе учествуваат 20-тина ликовни уметници од земјава и странство.

За една недела, колку што ќе трае колонијата, се очекува да бидат создадени околу 30 уметнички слики главно со мотиви од старата љубанска архитектура и убавините на Скопска Црна Гора. И годинава, неколку уметници ќе работат скулптури во дрво.  

Од домашните уметници ќе учествуваат Данчо Ордев, Илија Богоевски, Владимир Лазоски, Ристо Андреев, Јагода Петковска, Орце Гогов, Виолета Ристовска, Харалампие Манчев и други, а најавено е учество и на уметници од Белград, Крагуевац и Ниш.

Во четврток е планирано да се одржи детски ликовен ден кога 20-тина талентирани ученици од основните училишта од општина Бутел ќе творат заедно со ликовните уметници.

Организатор на колонијата е општина Бутел заедно со Здружението на ликовни педагози на Град Скопје.