Loading Video...
Свет
27. December 2020 - 16:50

Почна вакцинација во сите ЕУ држави

Аплаузите на целиот медицински персонал се за 81-годишната пензионерка Бранка која утрово стана првиот пациент во Хрватска кој во домот за стари лица во Загреб ја прими првата доза на вакцината на Фајзер.

Синхронизирано, сите земји членки на Европската Унија под мотото веруваме во науката утрово го почнаа процесот на вакцинација. Секоја земја членка во првата пратка има на располагање по нешто помалку од 10.000 дози штo ќе биде доволно за да се вакцинираат по нешто помалку од 5.000 луѓе.

- Овде сум за во името на целиот медицински персонал да порачам дека веруваме во науката, рече 29-годишната медицинска сестра Клаудија Аливернини која во болницата во Рим, беше првата која ја прими вакцината во Италија. Бугарскиот министер за здравство не ја криеше својата среќа што ќе може повторно да се дружи со својот 70-годишен татко.

Шпанија која беше една од европските земји под најсилен удар на вирусот првата вакцина ја аплицираше уште вчера, еден ден пред останатите земји членки. 96-годишната Арачели која својата доза ја прими во старечкиот дом Лос Олмос во Гвадалахара потсети дека двајца нејзини соседи од домот веќе починаа од Ковид. Порача дека се надева дека вака изгледа победата над вирусот, по што доби аплаузи од присутните доктори.

„Нема за што да се грижиме“ порача чешкиот премиер Андреј Бабиш кој прв го крена ракавот за вакцинација во болницата во Прага. До него седеше ветеранката од втората светска војна Емили Репикова која исто така ја прими првата доза.

Производителите на вакцината, компаниите Фајзер и Бајонтек најавија дека по симболичната прва пратка, Европската Унија до крајот на годината на располагање ќе има околу 12,5 милиони дози што ќе биде доволно да се вакцинираат 6,5 милиони луѓе. Во процес на одобрување е и вакцината на Модерна и на уште неколку производители кои заедно за потребите на Европската Унија треба да обезбедат над 2 милијарди дози.

Во Македонија се уште не се знае ништо. Владата и денеска нема одговор, од кој производител ќе добиеме вакцина, кога таа ќе стигне во Македонија и кога ќе почне процесот на вакцинација.

Европската Унија од почетокот на кризата изброја над 16 милиони случаи и над 336 илјади починати. Во Македонија се заразија над 80.000 луѓе а бројот на починати се ближи до 2500.