Македонија
7. April 2016 - 20:24

Почна судскиот процес за смртта на родилката од Тетово

Во Основниот суд во Тетово денеска започна судскиот процес против гинекологот од тетовската клиничка болница Казимир Копривњак, кој е обвинет од Јавното обвинителство за кривичното дело „тешки дела против здравјето на луѓето“, односно за несовесно постапување при укажувањето лекарска помош на 33-годишната родилка Виолета Кировска поради што таа во август, минатата година починала.

На почетокот од процесот Копривањак во својот исказ рече дека не се чуствува виновен за кривичното дело што му се става на товар.

Во понатамошниот тек од процесот сведочеа дел од медицинските лица кои заедно со обвинетот гинеколог учествувале во постапките и третманот на Кировска за време и по двата зафата, најпрвин царскиот рез и по неколку часа на хистеректомијата, односно отстранување на матката.

Бранителот на Копривњак не сакаше да даде изјава по заваршување на рочиштето. Според адвокатот на семејството, пак, има докази и искази што го поткрепуваат обвинението за вината на гинекологот.

- Сметаме дека Јавното обвинителство располага со доволно цврсти докази со кои на крај ќе ја докаже вината на страна на обвинетиот. Секако жално е тоа што се работи за загуба на млад живот, но сепак, сметаме дека и правото и правдата ќе бидат задоволени на крајот од оваа постапка, изјави застапникот на семејството Милан Ивановски.

Следното рочиште во овој процес е закажано за една недела, на 14 април.