Почна судењето за двојното убиство во „Император“
Со читање на обвинителниот акт денеска пред Основниот суд во Охрид почна процесот против првообвинетиот Бојан П. (31) и второобвинетиот Ристо С. (31), двајцата од Охрид, во врска со двојното убиство од август минатата година кога со огнено оружје смртно беа застрелани сопственикот на ресторанот „Император“ Васил Ристески (56) и Ромео Ѓузелоски (38) од селото Лескоец.
Двајцата обвинети за убиството пред Судскиот совет со кој претседаваше судијата Билјана Белеска-Пројкоска, се изјаснија како невини, додека застапникот на првообвинетиот, адвокатот Ване Андреевски, изјави дека одбраната во текот на процесот ќе докаже дека убиствата се случиле во поинакви околности отколку што е наведено во обвинителниот акт.
Рочиштето потоа продолжи со главната расправа по предметот, во која изјава пред судскиот совет дадоа таткото на убиениот Ромео Ѓузелоски, сопругата и мајката на Ристески.
Сопругата на убиениот Ѓузелоски, која била очевидец на случајот оттаму што била на терасата на ресторанот „Император“ таа вечер, во сведочењето пред судскиот совет ги потврди тврдењата изнесени во обвинителниот акт. Притоа, застапниците на одбраната преку распит на сведокот укажаа на некои недоследности на тогашната нејзина изјава и денешното сведочење. Рочиштето се уште е во тек.
Двојното убиство се случи на 21 август минатата година 30-тина минути пред полноќ, во ресторанот „Император“ што се наоѓа на улицата „15-ти Корпус“ во Охрид. Според обвинителниот акт, обвинетите со возило на второобвинетиот пристигнале пред терасата на ресторанот, излегле од возилото и го повикале на разговор Ѓузелоски, кој седел на една од масите заедно со неговата сопруга. Притоа почнала жестока расправија на терасата на „Император“, по што првообвинетиот извадил пиштол и еднаш го застрелал Ѓузелоски. Ѓузелоски повреден се обидел да избега внатре во локалот, при што бил застрелан уште два пати. Притоа во близина хотелската рецепција се наоѓал и сопственикот Ристески, кој исто така бил застрелан од првообвинетиот со еден куршум во пределот на градниот кош.
Веднаш потоа двајцата обвинети со возилото на второобвинетиот побегнале од местото на злосторство. Првообвинетиот од тогаш беше недостапен за органите на прогонот речиси шест месеци. По распишана меѓународна потерница тој на 12 февруари годинава беше уапсен во Албанија, а подоцна екстрадиран во Македонија, додека второобвинетиот во случајот беше приведен од полицијата неколку часа по пријавувањето на случајот.
Ново на Сител
-
ЈО: Деспотовски под истрага за злоупотреба на службената положба, предложено да му се одземе пасошот
-
Деспотовски: Неточни се информациите дека сум приведен
-
Кирјос: Допинг случаите со Синер и Швионтек се страшни за тенисот
-
Лице барано по судска наредба со соучесник физички нападнале полициски службеници - следува пријава
-
Путин изразил сочувство и му се извинил на Алиев за падот на азербејџанскиот авион кај Актау
-
Сиљановска-Давкова, Мисајловски и Лафчиски на предновогодишно дружење со македонските мировници и нивните семејства
-
Во Скопје втор протестен марш против аерозагадувањето
-
Герасимовски: Донесовме рекорден буџет за 2025 година, дури 45 проценти предвидени за капитални проекти