Почна со работа ТВ 21
Телевизија 21 почна да емитува програма во Македонија. Телевизијата располага со најнова техника и модерни студија сместени во просториите на поранешното кино Вардар во Скопје. ТВ 21 ќе емитува програма на албански и на македонски јазик.
На синоќешното свечено означување на официјалното почнување со работа на телевизијата, еден од сопствениците на ТВ 21 и главен и одговорен уредник Еуген Сарачини за МИА изјави дека станува збор за инвестиција од над 6,5 милиони евра. Посочи дека средствата се вложени во сите зафати кои се однесуваат на уредување на запуштените простории, потоа на најновата технологија која е во ХД и во луѓето кои ќе работат.
- Успеавме во периодот од пет-шест месеци да обезбедиме кадар колеги со кои работевме и во Приштина и тука и заедно ќе работиме додека не се стабилизира целиот систем. Околу 100 нови работници од Македонија се вклучени во овој проект, односно се вработени, истакна Сарачини.
Телевизијата, нагласи, ќе ја емитуваат повеќе оператори и ќе се гледа во цела Македонија, што ќе биде нивен императив.
- Ќе емитуваме програма на албански и на македонски јазик. Тоа значи дека и гледачите кои говорат на македонски јазик ќе имаат можност да ја гледаат нашата програма, да се информираат и да учествуваат во програмата, појасни Сарачини.
Во рамки на свеченоста по повод стартот на телевизијата беше прикажан документарен прилог. - Во него се осврнавме на она како сме започнале како Радио 21 и тоа еден дел од нашиот живот што сме го поминале тука во Скопје, па се вративме во Приштина, а продолживме за да ја оформиме РТВ 21, потоа уште 6 други канали со различни жанрови, рече Сарачини.
Оваа идеја, потенцира, не е нова за да се дојде тука, да се има ТВ канал, таа постоеше шест-седум години.
- Јас сум скопјанец, сестра ми е исто така скопјанка која е израсната тука. Со другите колеги кога се договаравме за тоа што да правиме околу ТВ 21 во Скопје сите беа ентузијасти и почнавме да размислуваме и еве дојде денот да се реализира, истакна Сарачини.
Според него, конкуренцијата е убава работа, дозволува развој и нови идеи.
- Ние не сме тука да субординираме некого, ние сме тука да придонесеме затоа што сме во нашиот град, во нашата држава. Со нашето досегашно искуство мислам дека во овој медиумски простор ќе дадеме свој придонес. Ние сме тука да бидеме дел од некои нови погледи, некој нов развој на целата таа медиумска фамилија, додаде Сарачини.
На официјалното означување на почетокот на работењето на ТВ 21 присуствуваа претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, претседателот на Собранието на РМ Трајко Вељаноски, премиерот на Косово Иса Мустафа, американскиот амбасадор Џес Бејли, пратеници, лидери и претставници на политички партии...
Ново на Сител
-
Алкалоид осминафиналист во Европскиот куп
-
Во Грузија и вечерва продолжија антивладините протести
-
ФФМ: Одложени натпреварите од 17. коло во ПМФЛ
-
Семејна драма во Штип: Мајка ја нападнала ќерка си
-
Поради снег забрани за тешки товарни возила на патот Кичево - Охрид и кај Плетвар
-
Малолетник од Скопје со нож се заканувал на соученици
-
Прегазен пешак во Битола, итно пренесен на Клиника
-
Одредена мерка притвор за тројцата учесници во инцидентите во Скопје