Македонија
5. October 2022 - 16:38

Почна со работа советодавното тело за спречување на контроверзни имиња

Конститутивна агенда на првиот состанок на владиното Ад Хок тело, кое треба да спречи регистрирање на здруженија со контроверзни историски имиња.

На средбата формално биле избрани членовите на оваа група и утврдени натамошните активности. Како што изјави за Сител претседавачот на ова тело, за клубовите Цар Борис Трети и Ванчо Михајлов не станало збор на состанокот.

“Тие здруженија се веќе регистрирани. Некои од нив се веќе промовирани, други ќе се промовираат. Ингеренциите на ова тело согласно со одлуката во Влада се само од стигнато барање од Министерството за правда. Да појаснам – доколку има иницијатива за формирање на здружение кое ќе носи име на историска личност, а притоа НЕ Е поднесено како барање до Правда, тогаш не можеме да се произнесеме.

Значи за Цар Борис Трети не се произнесувате? Не, немаме ингеренции...”

Мислењето кое ќе го дадат седумтте членови на Ад Хок телото нема да биде задолжително, односно улогата ќе им биде само советодавна. За својата работа тие ќе доставуваат годишен извештај, кој треба да биде готов најдоцна до првата половина на март.

Во меѓувреме, во Бугарија продолжува притисокот против отворање на македонскиот културен клуб во Благоевград. Македонско малцинство во Бугарија никогаш нема да има, пишува на ФБ европратеникот Џамбаски.

“Оваа група бедници реши да отвори клуб во Благоевград. Очигледна провокација од страна на Скопје, со цел уште еднаш да ја мобилизира малата група на луѓе што ја плаќа во Бугарија да ја предадат својата земја. Нема да дозволиме со своето присуство да го оцрнат херојскиот Благоевград”, протестира Џамбаски.

По ваквите објави од Благоевград стигна информација дека е оштетен написот на клубот “Никола Вапцаров”, кој официјално треба да биде отворен на 30 октомври.