Македонија
5. January 2019 - 19:33

Почна ски сезоната во Нижеполе

Снегот кој падна на Баба планина најмногу ги израдува љубителите на скијањето. На ски патеката во ски центарот „Ниже Поле“ има најмалку 70 сантиметри снег, кои беа повеќе од доволни за да започне ски сезоната и да ги собере не само битолчани, туку и скијачите од соседните градови. Ги имаше од различни возрасти, се чекаа редици за ски-лифтот. Оваа патека особено е популарна кај најмалите кои своите почетоци во скијањето ги прават токму овде.

Ски-сезоната ја започнаа вчера со ноќното скијање, а патот до центарот е исчистен и прооден.

-Спремни сме почнавме синоќа, со промотивно ноќно скијање и денес денско промотивно скијање, љубителите ќе можат да уживаат во планината, рече ГОРАН МАРКОВСКИ, ОДГОВОРНО ЛИЦЕ НА СКИ-ЦЕНТАРОТ НИЖЕ ПОЛЕ.

Има детски парк, 48 клупи за одмор, а особено е популарна чајџилницата каде посетителите може да се напијат топол планинаски чај.

-Сите можат да уживаат во чајџилницата, топли напитоци и храна, да се стоплат, да одморат. Имаме посетители од сите градови кои гравитираат околу Битола: Прилеп, Велес, Охрид, Струга, Ресен, доволно сме посетени. Снегот до пред некоја година навистина ни недостасуваше, но за оваа година не смееме да се пожалиме, вели Марковски.

Ски патеката „Ниже Поле“ се наоѓа на надморска висина од 1585 метри, има два ски-лифта со околу 1500 скијачи на час.