Македонија
21. November 2023 - 9:16

Почна реконструкцијата на улицата „Леце Котески“ на влезот на Прилеп, од страна на Крушево

Според премиерот и министерот за транспорт и врски реконструкцијата на улицата „Леце Котески“ или влезот на Прилеп, од страната на Крушево се одвивала според планираната динамика и за околу 2 недели се очекува сите 2 км. да бидат асфалтирани со првиот слој на асфалт и да нема повеќе места со тампон и огромни дупки. Инаку реконструкцијата на улицата предизвика огромно незадоволство и реакции кај граѓаните, затоа што за 2 км пат, во проектот се предвидени цели 10 месеци рехабилитација, односно истиот да заврши дури во април идната година. Ова е и индустриска зона каде поминуваат постојано тешки товарни возила. Понекогаш се случува за влез или излез во Прилеп да се чека и по половина час. Според Бочварски за доцнењето виновна била Општината која го правела проектот воопшто не гледа вина кај нив.

„Под тлото, или долниот строј на тампонскиот слој кој бил проектиран требаше комплетно да се подобри, бидејќи под асфалтот кој беше на стариот пат имаше калдрма и глина. Ако ние пристапевме веднаш на асфалтирање на таквата подлога за неколку години повторно овде ќе разговаравме дали треба повторно да се реконструира тој пат. Заради тоа се направија дополнителни испитувања кои одземаа време, приклучоците кон сите овие фабрики кои ги гледате дополнително се допроектираа за да бидат синхронизирани и направени така како што е потребно за да ги користат компаниите и граѓаните, а не на некој да му затвориме пристап до неговата фабрика. Сите овие прашања во тек на градба се отворија и ги разрешивме“, рече Благој Бочварски, министер за транспорт и врски. 

Oва е единствен пат за оваа дестинација и нема друга алтернативна патна инфраструктура. Инвеститор е Министерството за транспорт и врски, а инвестицијата чини 50 милиони денари. 

„Ова не е само улица, се работи за една многу значајна сообраќајница која покрај тоа што ја поврзува индустриската зона во Прилеп, ги поврзува и општините Кривогаштани и Крушево. Се работи за многу фреквентен пат и навистина е предизвик за изведувачите кои работат на пат кој секогаш се користи за транспорт, бидејќи не постои друга делница по која може да се реализира транспортот додека се изведуваат градежните работи“, додаде премиерот Димитар Ковачевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ Прилеп истакнаа дека откако на СДСМ не им поминала лагата и намерните кочници дека за неизградбата на „Леце Котевски“ е крива Општината конечно започнале нешто да работат.

„Претставници од најнеспособната влада предводена од ДУИ и СДСМ, која намерно го пролонгираше асфалтирањето на оваа улица, поради која блокада трпеа штета нашите сограѓани по своите возила и бизнисмените по своите бизниси, денес бомбастично дојде на сликање во нашиот град“, истакна Дејан Проданоски, претседател на Совет на Општина Прилеп.

Откако ќе се асфалтира улицата треба да се уредат тротоарите, да се наместат канделабри, како и да се изгради велосипедска патека.