Македонија
25. April 2016 - 19:00

Почна реконструкцијата на улицата Ѓорче Петров

Во скопската општина Ѓорче Петров денеска беше означен почетокот на работите за реконструкција на истоимената улица, која всушност е влез во градот Скопје од западниот дел на земјата и поврзување со Коридорот 8. Вредноста на овој проект изнесува 18,6 милиони денари. 

Реконструкцијата ќе се изврши во должина од 1.245 метри, ќе трае околу четири месеци, а ќе ја изведува градежната компанија „Пелагонија“ АД Гостивар. Почнува во делот спроти старото кино во Ѓорче Петров, гледано кон излезот на Скопје па се до раскрсницата каде што е седиштето на општината Ѓорче Петров. 

На отпочнувањето на работите присуствуваа министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, градоначалниците на Град Скопје и на Ѓорче Петров Коце Трајановски и Сокол Митревски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, како и граѓани од овој дел на градот.

- Горниот слој ќе биде изгребан. Основниот носечки слој ќе биде саниран на оние места каде што ќе има потреба целосно и ќе се нанесе нов асфалтен слој - сплитмастик, како што го нанесуваме на сите булевари, најквалитетниот асфалт кој се употребува во градот Скопје. Покрај новиот асфалт исто така ќе бидат заменети и рабниците, информираше градоначалникот Трајановски.

Во соработка со ЈП Улици и патишта, во рамки на проектот „Вело 2017“, ќе бидат санирани и велосипедските патеки. - Со ова очекуваме дека ќе се подобрат условите за сообраќај во оваа улица, ќе се зголеми безбедноста во сообраќајот, имајќи предвид дека на оваа улица ќе има и ново обележување, рече Трајановски. Улицата, додаде тој, се прави да биде во функција на зелениот бран преку Центарот за контрола на сообраќајот. 

Груевски се интересираше исто така и за темпото на реализација на другите проекти во општината Ѓорче Петров. Во моментов се продолжува улицата „Партизанска“ од кружниот тек кај Порта Влае па се до црквата Свети Петар и Павле. Овој проект се очекува да заврши до 12 јули.

Градоначалникот Трајановски информираше и дека наскоро ќе биде проширен булеварот „Борис Сарафов“, кој не беше целосно завршен поради имотно-правни односи. 

- Она стеснување на булеварот „Борис Сарафов“ поради нелегални градби ќе биде надминато. Успеавме тие да бидат исплатени. Сега го решаваме проблемот со земјиштето така што ова лето и булеварот „Борис Сарафов“ ќе биде прооден во целата своја должина, рече Трајановски. Ќе има четири ленти. 

Го информираше Груевски и граѓаните дека се работи на проект за улицата „Црногорска“, за Скопје да може да има два влеза и излеза кон западниот дел на земјата. Градоначалникот на Скопје посочи дека во секоја од десетте општини во градот има интензивна градежна експанзија. Трајановски најави дека летото ќе започнат работите и на улицата „Волковска“. 

Во годината кога Ѓорче Петров слави 100 години од своето постоење, како што истакна градоначалникот на Општината Митрески, тука се градат општинска зграда, полициска станица, пожарна, градинки, школи, улици, канализации... 

- Денешниов проект е битен и исто така ќе остави траен белег во Општината и градот. Низ улицата Ѓорче Петров поминува целиот сообраќај од западна Македонија. Во минатото улицата беше позната како една од најфрекветните, но и како една од најнебезбедните улици. Сега е една од побезбедните улици, поставени се семафори и друга сигнализација, рече Митровски.