Почна расправа по ребалансот во матичната Комисијата за финансирање и буџет

Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска почна расправата по предложениот ребаланс на Буџетот за 2016 година. Потребата од носење на овој ребаланс се должи на промена на проекцијата за растот на БДП поради политичката криза од првично предвидените 4 проценти на 2,3 проценти поради што е неопходно да се изврши корекција на проекциите на приходите и расходите.
Потребата од носење на овој ребаланс се должи на промена на проекцијата за растот на БДП од првично предвидените 4 проценти на 2,3 проценти поради што е неопходно да се изврши корекција на проекциите на приходите и расходите.
На приходната страна има намалување на проекциите за околу два проценти или за 3 милијарди денари, додека на расходната страна има намалување за 804 милиони денари.
Предлогот пред членовите на Комисијата го образложи министерот за финансии Кирил Миноски, кој рече дека на приходната страна има намалување на проекцијата за 3 милијарди денари, додека на расходната за 804 милиони денари. Со ребалансот се зголемува и буџетскиот дефицит од проектираниот 3,2 проценти со буџетот на 3,6 проценти од БДП и ќе изнесува 2,1 милијарди денари.
- Предложениот ребаланс ќе обезбеди навремена исплата на законски остварените права без да се загрози фискалната одржливост на земјата, рече Миноски и додаде дека капиталните инвестиции остануваат на високо ниво и нивната реализација продолжува.
- Измените и дополнувањата на Буџетот на РМ за 2016 година се однесуваат на ревидирање на приходната страна на Буџетот за 2 проценти согласно остварувањата во првите пет месеци од годината. Реалокација на средства меѓу буџетските корисници наменети за исплата на плати, обезбедување дополнителни средства за Фондот на пензиско и инвалидско осигурување со цел непречена исплата на пензии, намалување на одредени позиции кај буџетските корисници кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација или постигнување на одредени заштеди, обезбедување дополнителни средства за проектот за изградба на националниот гасоводен систем согласно предвидената динамика на активност, обезбедување дополнителни средства за изградба на делницата Демир Капија – Смоквица од Коридорот 10 согласно предвидената динамика на градба во овој период, рече Миноски.
Тој додде дека со овие измени и дополнувања на Буџетот се задржува определбата за ниско даночно оптоварување без промени на даночната политика и благ пораст на буџетскиот дефицит како резултат на корекцијата на приходната страна и зголемените трошоци делумно како резултат на политичката и мигрантската криза.
Предложеното ревидирање на иницијално планираните проекции кај приходната страна на Буџетот на РМ, како што рече, е резултат на намалување на приходите на основниот буџет согласно реализацијата во изминатите пет месеци и очекувањата до крајот на годината.
Со ребалансот е одобрено зголемување на приходите кои буџетските корисници ги остваруваат на сопствените сметки по основ на донации за околу една милијарда денари кои се однесуваат за реализација на ИПА проектите. Социјалните придонеси согласно остварувањата се очекува до крајот на годината да остварат благ пораст во однос на иницијално буџетираните околу 2 проценти, односно тие се ревидирани на ниво од 50,1 милијарда денари.
Миноски потенцира дека на расходната страна извршено е ревидирање во смисла на реалокација во делот на масата на плати согласно мобилноста на вработените кај буџетските корисници, намалување на расходите наменети за стоки и услуги кои се финансираат од основниот буџет, како резултат на строгата контрола и силната буџетска дисциплина особено во делот на помалку продуктивните расходи.
Обезбедени се дополнителни средства во делот на социјалните трансфери со единствена цел, како што истакна, за навремена и целосна исплата на законските обврски по основ на пензии и по основ на надоместоци за породилни отсуства. Потоа обезбедување дополнителни повлекувања на кредитни средства за навремена исплата на обврските што произлегуваат од интензивната градба на Коридорот 10, обезбедување дополнителни средства за проектот за гасификација согласно на активностите на терен.
Посочи дека се намалуваат средствата кај оние капитални проекти кај кои има забавена динамика на реализација на активностите главно како резултат на ограничувањата што се наметнуваат во делот на јавните набавки во предизборниот период.
Минситерот за финансии рече дека благото ревидирање на буџетскиот дефицит на ниво од 3,6 проценти од БДП и редовното сервисирање на обврските по основ на домашниот и надворешниот долг се планира да се обезбедат од домашни и странски извори на финансирање.
Информира дека државниот долг на РМ на крајот на март 2016 изнесува 3,5 милијарди евра, односно 36,8 проценти од БДП, додека јавниот долг изнесува 4,3 милијарди евра, што претставува 45 проценти од БДП. - Благодарение на водењето на прудентната фискална политика РМ останува умерено задолжена земја со државен долг којшто е далеку понизок од пропишаниот мастрички критериум според којшто државниот долг не смее да надмине 60 проценти од БДП, рече Миноски и додаде дека само четири земји во ЕУ - Естонија, Луксембург, Бугарија и Латвија на крајот на 2015 година имаат понизок државен долг од РМ.
Тој пред членовите на Комисијата истакна дека предложените измени и дополнувања на Буџетот на РМ за 2016 година ќе обезбедат навремена исплата на законски остварените права без да се загрози фискалната одржливост на земјата.
Во расправата на Комисијата не учествуваат пратениците на СДСМ и коалициските партнери.
Поддршка за предложениот ребаланс дадoa ДУИ и Социјалистичката партија, а ДПА оцени дека во ребалансот, како и во буџетите во претходните години нема средства за проекти во местата со мноизинско албанско население.
Владанка Авировиќ во расправата порача да се стави акцентот на започнатите инфраструктурни проекти.
- Во 2006 година имаше 156 милиони евра, а годинава се 568 милиони евра за капитални инвестиции, рече Авировиќ и посочи дека не треба да се запрат започнатите проекти во инфраструктурата. Ако е потребно, да се скрати во стоки и услуги или на други место и средствата да се пренасочат во инфраструктурни проекти кои се многу важни, рече Авировиќ која потсети на стотиците милиони вложени во пругата кон Бугарија, а која не е завршена.
Според неа, градежната активност придонесува да се одржи економскиот раст во државата.
Реаџаиљ Исмаили од ДУИ ја истакна поддршката за предложениот ребаланс и рече дека тој не е креиран врз национална основа. Во него според него има дополнителни средства за општините во кои живее албанско население кои се мали но оти се со силна порака.
Мерал Узеири Ферати од ДПА рече дека оваа пратеничка група има поднесено над 300 амандмани на предложениот ребаланс со цел да се подобри состојбата.
Ново на Сител
-

На Тајван поради тајфунот Бави евакуирани над 14.000 луѓе
-

Зеленски формира посебна команда за длабоки напади врз Русија
-

Во Сребреница ќе биде одбележана 31-годишнината од геноцидот над Бошњаците
-

Премиерот Мицкоски во посета на Охрид
-

Стабилно и топло време, утре услови за локална нестабилност
-

Украина го обвини Меѓународниот олимписки комитет за лицемерие
-

Синер без загубен сет го совлада Ѓоковиќ за финале на Вимблдон
-

Трамп: Иран бара продолжување на преговорите, ние се согласивме, но предупредуваме дека прекинот на огнот е завршен
