Македонија
2. March 2024 - 16:58

Почна поскапувањето на основните прехранбени продукти

Ден по одмрзнувањето на цените на сите основни прехранбени продукти, некои маркети веќе ставија нови етикети по рафтовите. Најголема разлика има кај кашкавалот и месото, кои се продаваат поскапо за 50 до 100 денари по килограм. Поскапо се продава и брашното, но и овошјето и зеленчукот. Дел од маркетите, пак, подготвуваат нови цени за од понеделник. 

„Полни очи, празни раце“ – ќе ви речат граѓаните кои попладнево го искористија топлото време да испазарат пред утрешниот наработен ден.

Пазарниот инспекторат вчера ги замоли трговците да продаваат по стари цени доколку има можност, но нема начин да казнува доколку има поскапувања.

Токму затоа од Организацијата на потрошувачи повикаа цените да бидат замрзнати додека не се донесе Законот за нефер трговски практики оти во моментов трговците можат да си зголемуваат цените колку што сакаат, без да сносат одговорност.

Месецов, во трка со цените ќе одат и минималецот и пензиите. 

Минималната плата се зголемува за околу две илјади денари и ќе изнесува 22.500 денари.

Пензиите, пак, ќе скокнат за 5%. Простата математика покажува дека најниските пензии ќе пораснат за скромни 600, а највисоките за 3 илјади денари.