Македонија
3. September 2015 - 10:57

Почна осмиот „Пиволенд“

На Скопската тврдина Кале, вчера вечерта градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, го отвори осмиот традиционален Гурмански викенд со пиво „ПИВОЛЕНД 2015“.
 
-Ви пожелувам добредојде на осмиот традиционален Гурмански викенд со пиво во Скопје –Пиволенд 2015, на кој ќе имате можност да дегустирате над 50 видови домашни и странски пива и да уживате во големата понуда на македонска традиционална храна од различни ресторани.   Во текот на пет фестивалски денови, ќе Ве забавуваат познати имиња од домашната музичка сцена, како и од странство. Ви пожелувам добра забава и дружење на „ПИВОЛЕНД 2015, изјави Трајановски.
 
Со настапот на група „Млад бенд “, вчера почна традиционалниот фестивал на пивото „ГУРМАНСКИ ВИКЕНД СО ПИВО-ПИВОЛЕНД 2015“.Фестивалот на пивото традиционално е во организација на Град Скопје и на „Темов“, а за организација на гурманскиот викенд, Градот Скопје од буџетот издвои 200.000 денари.
 
Оваа година на гурманскиот викенд со пиво „Пиволенд 2015“, публиката ќе има можност да ужива во музиката на голем број македонски изведувачи, бендови и диџеи. На сцената ќе ги слушаме: Д.Н.О., Ласт Експедишн, Суперхикс, Смат, Културно Уметнички Работници, Тони Зен со бендот Флека, Есма Реџепова, Верка, Барбарела и многу други. Од регионот ќе гостуваат популарниот панк-фолк бенд Бркови од Хрватска, Блендед Бру од Данска, кои оставија огромен впечаток на годинешниот „Баскерфест“ и  Лемон Бакет Оркестра од Канада, бенд од 15 луѓе, светски познат над 500 концерти годишно.
 
 Како и минатата година, „Пиволенд“ им дава силна поддршка на младите и неафирмирани бендови од Македонија. Пиволенд и Бла Бла ТВ (прва интернет телевизија во Македонија) годинава организираат втор стејџ на кој ќе се претстават над 30 музичари и диџеи, а најдобрите 5 ќе имаат можност да настапуваат и на главиот стејџ на „Пиволенд“, секој ден од 19 часот.
 
Како и  во изминатите години влезот на Пиволенд е бесплатен, а за сите љубители на забавата и пивото ќе бидат организирани забавни катчиња.