Македонија
28. October 2016 - 15:30

Почна изградба на повеќенаменско игралиште во ПОУ „Круме Кепески“

Ново повеќенаменско игралиште, кое е дел од проектот „Изградба на 100 повеќенаменски игралишта” низ целата држава почна денеска да се гради во ПОУ „Круме Кепески“ во Припор. Камен-темелникот го поставија  градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ и директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески.

Спасески истакна дека во изминатите неколку години спортот и спортската инфраструктура се еден од врвните приоритети.

- Денес ги отпочнуваме градежните активности за изградба на  повеќенаменско игралиште во населба Припор, кое е четврто по ред повеќенаменско игралиште кое го градиме во општина Кисела Вода. Од страна на АМС досега се изградени вкупно 246 спортски објекти, односно се инвестирани околу 39 милиони евра. Од нив, во Кисела Вода, досега се вложени повеќе од 80 милиони денари за изградба на 3 повеќенаменски игралишта, две спортски сали и еден тениски терен, истакна директорот на АМС Спасевски

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец- Алексиќ, истакна дека со целосна реконструкција на  ПОУ „Кузман Јосифовски Питу” во Црниче и отворањето на првата градинка во Црниче, во рамки на училиштето и изградбата на повеќенаменското игралиште, практично тој објект стана целосно адаптиран за нормално одвивање на наставата во овој дел на населбата.

- Со  темелна и целосна реконструкција на „Круме Кепески” од страна на општина Кисела Вода и изградбата на првата градинка „Стапалче”, со преадаптирање на простории од училиштето и со доградба, како и со замена на системот за греење со еколошки, како и со денешното отпочнување на изградба на повеќенаменско игралиште во рамки на ова училиште, практично и овој објект целосно ке го добие својот лик , онака како што доликува на еден училишен објект. Со тоа, како локална самоуправа, докажуваме дека ни се приоритет дечињата од предучилишна и училишна возраст, рече Беличанец.

Градежните активности треба да завршат за 4 месеци и градоначалничката замоли за трпение кај населението од овој дел на општината, додека траат градежните зафати. Исто така, Агенцијата за млади и спорт планира изградба на уше едно повеќенаменско игралиште во населбата Пинтија, а согласно нејзината програма, во Кисела Вода е предвидена изградба и на три тениски терени и игралишта за баскет.