Македонија
4. November 2015 - 14:59

Почна изградба на ново училиште во радовишкото село Покрајчево

Заменик министерот за образование Спиро Ристовски, градоначалникот на Радовиш Сашко Николов и претседателот на Советот на општина Радовиш Никола Миовски денеска ставија камен темелник за изградба на ново училиште во радовишкото село Покрајчево.

Изградбата на новата училишна зграда со капацитет за 36 ученика, во која ќе има три училници ќе чини над 4.500.000 денари, а инвестицијата се реализира од буџетот на Општина Радовиш.

Заменик министерот за образование, Ристовски истакна дека како Влада потврдуваат дека им е важно да има современи услови за едукација на учениците без разлика дали станува збор за поголемо или помало место.

- Ние како министерство и Влада ќе продолжиме со нашите инвестициони активности во следниот период. Во оваа прилика би сакал да информирам дека досега реконструирани и санирани се над 350 училишни објекти во Република Македонија, а 70 се комплетно изградени, сосема нови училишни објекти, со што потврдуваме дека како Влада и понатаму образованието е наш врвен приоритет, посебно ако имаме во предвид дека до пред 2006 година речиси на една рака можеше да се избројат новите училишни објекти, а за речиси не цели девет години имаме 70 сосема нови објекти, рече Ристовски.

Тој додаде дека до крајот на годината ќе се почне со реконструкција на 45 училишта во државата, во рамките на програмата за 2015 година.

- Во рамките на 2016 година планот е во првата половина на годината да бидат опфатени дополнително уште 15-тина училишни објекти, со реконструкција и санација и ќе бидат изградени четири нови модуларни училишта, во четири населени места во Република Македонија, со што во континуитет го продолжуваме процесот на инвестиции. До следното  лето околу 60 нови училишни објекти ќе бидат санирани и реконструирани, а четири ќе бидат изградени согласно планот, вели Ристовски.

Градоначалникот на општина Радовиш, Сашко Николов истакна дека изградбата на училишната зграда во селото Покрајчево е ветена во предизборната програма, со што и овој проект се реализира за жителите од ова населено место. Тој истакна дека новата училишна зграда ќе биде изградена до почетокот на второто полугодие, а исто така и комплетно ќе биде уредена и со нов училишен инвентар за учениците и наставниците.

- Особено сум задоволен и радосен што заокружуваме еден сериозен и силен циклус на инвестиции во образованието во Радовиш. Во оваа прилика би сакал да искажам голема благодарност до министерството за образование и до премиерот, Никола Груевски за се она што го имаат направено во Радовиш, а не е малку. Значи во Радовиш во изминатите неколку години од темел се изградени три нови училишни згради, нова зграда на ОУ „Никола Карев“, нова зграда на ОУ „Крсте Петков-Мисирков, нова училишна зграда во селото Злеово, рече Николов.

Во изминатите неколку години санирани се и неколку училишни објекти, но и во функција се ставени неколку мултифункционални игралишта за учениците не само во градот Радовиш, туку и во руралните места.