Бизнис
15. September 2020 - 20:20

Почна исплатата на штедачите од Еуростандард

Почна обештетувањето на 136 илјади граѓани кои имаа заштеди до 30.000 евра во Еуростандард банка. Депонентите се поделени во 4 банки - Комерцијална, НЛБ Тутунска , Халк и Стопанска банка Скопје, по азбучен ред, според првата буква од презимето. Гужви и нервозни граѓани кои чекаа и по еден час имаше пред филијалите на овие банки. Но ниту еден од нив, не сакаше да каже дали имал пари во пропаднатата банка. 

Граѓаните имаат рок од 3 години да си ги земат заробените пари. Треба само да носат лична карта или пасош, а доколу не можат лично да одат – овластеното лице потребно е да има полномошно. Вкупната сума за обештетување изнасува 68,3 милиони евра, која е намалена за речиси 3 милиони евра, затоа што пари нема да добијат лицата со привилегирани камати, членовите на Управниот и Надзорен одбор и нивните потесни семејства, како и граѓаните кои имале сомнителни транскации поврзани со перење пари.

Останатите граѓани кои имале над 30 илјади евра,  ќе бидат обештетени до  оваа сума, а остатокот ќе го чекаат од стечајната постапка. Пари од стечајната маса ќе чекаат и сите правни лица, а најоптимистичкиот рок за нивно обештетување е до крајот на наредниот месец, но исуството говори дека постапките можат да траат и до 10 години. Минатата недела токму овие граѓани побараа итно носење на ново законско решение, каде предлагаат државата да ги обештети во целост сега, а парите да си ги наплати од стечајната маса.