Македонија
23. September 2018 - 16:30

Почна филмскиот фестивал „Браќа Манаки“

Синоќа во Битола започна 39.издание на интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. На црвениот тепих продефилираа и голем број филмаџии, видно гости, но и главните ѕвезди на фестивалот, британскиот кинематографер, оскаровецот Роџер Дикинс и италијанската дива Клаудија Кардинале.

-Мило ми е што сум тука, мило ми е што снимам филмови, сонував  за тоа кога бев млад и еве сум тука, прекрасно е, рече Рoџер Дикинс, добитник на Златна камера 300 за животно дело. 

-Се уште работам, имам 80 години сега и продолжувам да работам. Тоа е многу важно, да живееш многу животи, рече Клаудија Кардинале, добитник на специјалната Златна камера 300

Генералниот покровител на фестивалот, претседателот Ѓорѓе Иванов кој не беше во можност да присуствува, со испратена телеграма им посака пријатен престој на сите гости и им честиташе на наградените. На оскаровецот Дикинс, директорката на фестивалот, Гена Теодосиевска му ја врачи Златната камера 300 за животно дело.

-Не сакам да звучи како клише, но се чувствувам како да сум од погрешната страна на камерата, треба да сум таму зад камерата, рече Дикинс.

Министерот за култура, Асеф Адеми и ја додели Специјалната Златна камера 300 на Клаудија Кардинале.

Со стоечки аплауз пак беше поздравена македонската актерка Милица Стојанова, која ја доби наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ што ја доделува Друштвото на филмските работници на Македонија. Таа не ја криеше својата радост.

-Ние пензионерите мислиме дека не забораваат, но гледајте што се случува, пресреќна сум. Има ли поголема радост од оваа да се добие ваква награда, ова е ретко,  рече Милица Стојанова. 

Велат дека филмот треба да им припаѓа на сите, а знаењето ќе го спаси светот, истакна директорката на фестивалот.

-До ова 39-то издание нѐ доведе нечие знаење, а ние од 39-то издание па натаму, ќе го направиме уште поголемо тоа знаење, за да го спасиме светот од сето она што не ни се допаѓа, што не е добро, рече Гена Теодосоевска, директор на фестивалот. 

Фестивалот завршува на 29 септември кога ќе бидат доделени наградите од главната програма за која се натпреваруваат 12 филмови.

На синоќешното отворање на фестивалот, се појавија и транспаренти со пораки „Да го зачуваме македонскиот идентитет“ и „Како беше она, каков воздух дишат битолчани“. Ова не е прв пат да се појават транспаренти на отворање на фестивалот.