Македонија
5. July 2020 - 16:36

Почина првиот доктор од коронавирус

Уролог од тетовската болница е првиот лекар во земјата кој почина како последица на корона вирусот. 64-годишниот Арификмет Деари 15 дена бил хоспитализиран во ГОБ 8ми септември поради невролошки проблеми, но имал и позитивен тест на Ковид-19. Бил само неколку месеци пред пензионирање и најстар лекар на уролошкото одделение, објави на фејсбук министерот за здравство.

-Од градската болница велат дека две недели се бореле за животот на доктор Деари кој цело време бил на кислородна поддршка. Во оваа здравствена установа во моментот има 120 хоспитализирани  позитивни на корона од кои 7 се на респиратор, а околу 90 на кислород.  И во вториот Ковид центар – детската болница во Козле има 36 пациенти меѓу кои и бебе родено пред три недели.

-Имаме 5 деца со пет позитивни мајки и 26 возрасни од кои двајца се на кислородна поддршка. Децата се во добра состојба, тие се примени со фебрилност и се третираат тие симптоми, капацитет имаме, вели др. Ангелчо Андоновски, директор на Болницата за белодробни заболувања кај деца Козле.

Надлежните велат дека здравствените установи имаат капацитет за згрижување, иако во штипската болница поради исполнетост на инфективното одделение во функција го ставиле и одделот за неврологија.

И додека дел од болниците се полни со ковид пациенти, министерот за здравство најави дека деновиве ќе пуштат Мој Термин за оние клиники и установи каде не ротираат анестезиолози и медицински персонал во други болници.