Македонија
8. August 2015 - 19:40

Почина фудбалерот Пандовски

Почина фудбалерот Александар Пандовски, кој беше тешко повреден во сообраќајната несреќа која се случи на 4-ти овој месец, кај бензиската пумпа на “Макпетрол”. 23 годишниот фудбалер возејќи се заедно со својот татко, со автомобилот марка ГОЛФ, излетаа од патот удирајќи најпрво во столб, а потоа и во една од пумпите на бензиската во скопската населба Маџари.

Пандовски подолго време бил заглавен во автомобилот, а за негово извлекување помогнале и противпожарните екипи, кои интервенирале поради пожарот кој бил предизвикан од сообраќајката. Фудбалерот заедно со неговиот татко веднаш биле префрлени на клиниките во Скопје, каде што биле извршени и хирушки интервенции, но и покрај сите напори младиот Пандовски им подлегнал на повредите.

Прераната смрт на фудбалерот ја потресе македонската спортска јавност. За сите оние кои што го познаваа, ПАНДО беше одличен фудбалер, но и прекрасна личност надвор од терените. Поради тоа, голем број на сегашни и поранешни фудбалери се простуваат од починатиот фудбалер и преку социјалните мрежи.

Александар Пандовски е “вардарово дете” кое беше дел од младинските категории на Вардар. Одреден период од неговата кариера ги бранеше и боите на Работнички, а последен клуб за кој што настапуваше беше Еуромилк.