Македонија
22. May 2023 - 16:32

Почина Ферус Мустафов

Ферус Мустафов или популарно „кралот на ромската музика“, е роден во Штип во познато музичко семејство. Љубовта кон музиката ја наследил од неговите татко и мајка и ја негувал уште од мали нозе, за подоцна да прерасне во виртуоз на саксафон и кларинет.

- Неговиот татко, Иљми Јашаров е првиот човек што го донесе саксафонот во народната музика. По него продолжи и неговиот син, сега покоен, маестро Ферус Мустафов и неговите внуци- изјави Никола Темелков, професор по саксафон,  СОУ „Сергеј Михајлов“ - Штип.

Ферус беше еден и единствен, додада Темелков, инспирација за многу генерации млади музичари, кои тежнеат да создадат богата музичка кариера.

- Многу генерации учевме од него. Ги знеаме неговите дела, неговите концерти, турнеи, низ Македонија, Европа и Светот. Мизлам дека нема каде не се слушна неговиот звук на саксафонот и секој пат публиката беше воодушевена од неговиот настап. Белег остави голем, не само за Штип, бидејќи тој е наш сограѓанин, штипјанец, туку и за целата естрада- додаде Темелков

Мустафов доживеал масивен мозочен удар на 26 април и бил во кома. Почина по речиси еден месец лекување, на 72 годишна возраст, во Градската општа болница „8-ми септември“.