Свет
25. April 2022 - 16:33

Победа на Макрон во Франција

Актуелниот француски претседател Емануел Макрон е победник во вториот круг од претседателските избори во Фран ција. Првичните резултати покажаа дека тој освоил над 58 отсто од гласовите, додека лидерката на Националниот фронт, Мари Ле Пен која беше негова против кандидатка доби околу 42 отсто од гласовите. Ова е втор мандат за Макрон на претседателската функција во Франција. Тој во своето прво обраќање посочи дека ќе биде лидер на сите Французи.

- Моите пораки се насочени и кон оние кои гласаа за госпоѓа Ле Пен, бидејќи од сега па натаму јас повеќе не сум партиски кандидат, туку претседател на сител, кажа Макрон.

Ле Пен пак го призна поразот од Макрон откако проекциите покажаа дека тој има сигурно водство. Нејзините поддржувачи пак не може да го прифатат ваквиот резултат па во текот на вечерта излегоа на протести во неколку градови во Франција, а најжестоки беа протестите во Париз и Лион. Француските медиуми пишуваат и дека полицијата убила две лица кои со својот автомобил се движеле во спротивна насока, но постоела можност и истите да удрат во толпата народ која излегла да ја прослави победата на Макрон. 

По првичните резултати објавени синоќа стигнаа и првите честитки од европските и светските лидери, но и од претседателот Пендаровски.  

- Со нетрпение очекувам да ја продолжиме нашата извонредна соработка. Заедно ќе ги покренеме Франција и Европа, напиша претседателката на ЕК фон дер Лајен на Твитер.  

Според лидерот на САД, Џо Бајден пак реизборот на Макрон е клучен за Европа како главен партнер во справување со глобалните предизвици. И рускиот претседател Владимир Путин упати честитка до Емануел Макрон по повод неговата победа.  

Шефот на државата Стево Пендаровски пак честитајќи му го успехот на својот франуски колега напиша дека оваа победа се случува во време на предизвици кога проевропскиот избор е навистина значаен.  

- Се надевам ќе продолжиме со соработката за прашања кои ги зближуваат нашите земји и народи, напиша Пендаровски на Фејсбук.