Македонија
5. January 2021 - 16:42

По три дена сопствениците влегуваат во изгорените дуќани

После три дена откако избувна пожарот во Глобал сопствениците на опожарените дуќани добија можност да влезат во нив. Заедно со обвинителството и полицијата ќе прават увид на моменталната состојба и направената материјална штета. Поединечно се документира секој дуќан. Тимови составени од вешти лица посебно ќе ја утврдуваат шетата на градежниот дел, а посебно на текстилот и останата стока што се наоѓа во дуќаните. Откако тоа ќе заврши, се очекува да започне расчистувањето. Во меѓувреме истрага продолжува. Од Обвинителството во Струмица велат дека е рано да соопштат било какви дополнителни информации за причините поради кои настанал пожарот.

Струмичката противпожарна единица објаснувајќи го детално текот на гаснењето на пожарот на нивниот Фејсбук профил меѓу другото објави дека хидрантите во објектот не биле употребливи.

Од Обвинителството не ги коментираа ваквите информации, само соопштија дека се води голема и опсежна предистрага.

Во меѓувреме веќе е формирано координативно тело кое има за цел  брза и координирана акција за справување на последиците од пожарот. Во него членуваат претставници од сите релевантни општински и државни институции и претпријатија, како и претставник на Здружението за заштита на правата и интересите на трговците  Фер Есап. Трговците кои стопанисуваат во Глобал денеска имаа и средба на која им беше објаснета процедурата за поднесување барања за претрпената штета и методологијата по која таа се проценува.