Македонија
20. јуни 2019 - 16:33

По сторијата на Сител прилечанецот Борис конечно доби здравствена нега

По сторијата на Сител за прилепчанецот Борис Мирчески кој 2,5 месеци живее во крајно нечовечки услови со отворена рана на ногата и за кого вчера неговиот син Александар јавно побара помош од институциите за згрижување на неговиот татко, денеска тој беше хоспитализиран во општата болница во Прилеп на ортопедското одделение.

Од ортопедското одделение изјавија дека Мирчески ќе лежи на болница во наредниот период. Кога ќе се направеле сите потребни испитувања врз него ќе била изведена хируршка интервенција. Незнаат како  можело да дојде до ваква голема компликација на ногата иако Мирчески за 2,5 месеци 5 пати бил прегледан од лекар. Велат дека и покрај крајно лошата ситуација со кадар на ортопедското одделение, каде околу 100.000 жители ги опслужуваат само 3-јца ортопеди тие досега не вратиле никого од интервенција. Истакнаа дека Мирчески за последниве 3 месеци прв пат се пријавувал кај нив.

Неговиот син Александар пак се надева дека конечно татко му ќе го добие соодветниот третман од страна на лекарите.

„Ме прашаа зошто не сте дошле досега, како дошло до оваа ситуација. Не сакав никого да обвинувам, но му реков дека така ни рекоа да не доаѓаме тука повеќе. ‘ пати бевме и како да му здосадивме и ни рекоа да не доаѓате. Докторот ми рече јас незнам за такво нешто, не сум бил јас. Јас му одговорив знам дека не бевте вие, и не ни барам кој беше. Сега рекоа дека ќе го излекуваат му дадоа кревет, да се исечи гангренозното ткиво, па се надеваме на најдобро“, изјави Александар Мирчески, син на Борис Мирчески.

Инаку од УМС на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп денеска преку соопштение истакна дека тие се главни иницијатори за хоспитализирањето на Мирчески кои утрово повикале итна помош со која Мирчески бил превезен до болницата.

„Се надеваме дека со оваа наша хумана акција ќе помогнеме за спасување на животот на нашиот сограѓанин Борис Мирчески и  подобрување на неговото здравје. Веруваме дека институциите соодветно ќе реагираат и ќе обезбедат соодветен третман за Борис, затоа што времето не е негов сојузник и треба итно да му се пружи правилна здравствена заштита“, велат од УМС на ВМРО-ДПМНЕ Прилеп.

Александар Мирчески истакна дека иако јавно повика на помош до овој момент ниту една државна институција не го контактирала.