Македонија
5. December 2023 - 9:38

По распишаната меѓународна потерница, одреден и 30-дневен притвор за Палевски

Скопскиот Кривичен суд му определи мерка 30-дневен притвор на првоосомничениот за убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски, Љупчо Палевски со прекар Палчо, кој е во бегство, а која ќе биде спроведена по неговото пронаоѓање и лишување од слобода.

-Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, донесе решение со кое го прифати предлогот на Обвинителството и на Љ.П. со прекар П. Од Скопје, му определи мерка притвор од 30 дена од денот на неговото пронаоѓање и лишување од слобода, а поради постоење на основите од член 165 став 1 точка 1,2 и 3 од ЗКП односно опасност од бегство, ќе ја попречи кривичната постапка со влијание врз сведоци или ќе го повтори кривичното дело. Согласно наредбата за спроведување истражна постапка, за лицето постои основано сомнение за кривичните дела Убиство од чл. 123 ст.2 т.7 вв со чл. 22, Грабнување од чл. 141 ст.2 вв ст.1 вв. чл. 22 и Предизвикување општа опасност од чл. 288. ст.1 вв со чл. 22 од КЗ,  соопшти денеска Основниот кривичен суд Скопје.

Претходно вчера, Кривичниот суд на предлог на скопското Основно јавно обвинителство за осомничениот кој е во бегство по итна постапка донесе Наредба за спроведување истрага за кривични дела - Грабнување од член 141 и Убиство од член 123 од КЗ, а Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по Палевски.

 - Љупчо Палевски род.12.12.1964 год. во Скопје се бара со меѓународна потерница за истрага за кривични дела „грабнување" и "убиство“ по издадена наредба XV KO бр 3047/23 од Основното јавно обвинителство Скопје, објавено е на веб страницата на МВР.

Од Судот потсетуваат дека во текот на вчерашниот ден, на предлогот на Јавниот обвинител, судија на претходна постапка им определи мерка краткотраен притвор од 48 часа на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, заради опасност од бегство и попречување на истрагата со влијание врз сведоци и на Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, заради опасност од бегство, влијание врз сведоци и страв дека ќе го повторат односно извршат ново кривично дело.