Македонија
2. July 2024 - 14:09

По најавите за поројни дождови УХМР со апел за внимание во одредени региони и реони

 По најавите за врнежи на целата територија од државата, а со оглед на тоа што почвите и теренот се релативно влажни од УХМР предупредуваат дека во текот на вечерните и ноќните часови ќе има потреба од внимателност во повеќе региони, како и внимателно движење покрај помалите реки и суводолиците и места каде има опасност од одрони и свлечишта.

Од Секторот за хидрологија при Управата за хидометеоролошки работи на внимателност повикуваат во Скопскиот, Кумановскиот, Паланечкиот, Кратовскиот, Пробиштипскиот, Каменичкиот и Кочанскиот регион, во Светиниколскиот, Штипскиот, Струмичкиот и Велешкиот регион, како и во реоните на Групчин, Соње, Сопиште. Секако, велат од УХМР, можни се и отстапувања од најавените региони и реони.

-Соодветно најавата на синоптичарите дека во текот на ноќта на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи и дека локално ќе има невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и град, во Секторот хидрологија ги анализиравме резултатите од достапните модели и дојдовме до заклучок дека доколку процесите бидат интензивни и доколку на одредени места локално за кратко време навранат поголеми количини на дожд можно е да дојде до забрзано истекување на вода по падините, малите реки и суводолиците, а на одредени локации можно е да се јават локални проблеми, се вели во соопштението од УХМР.

Претходно од УХМР најавија дека во следните два дена ќе преовладува променливо облачно и посвежо време со локален пороен дожд и грмежи. Утре долж Повардарието ќе дува засилен северен ветер, а од петок времето ќе биде стабилно и топло. 

Попладнево и во текот на ноќта на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално ќе има невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер (над 70 km/h) и појава на град. Максималната температура ќе биде во интервал од 27 до 35 степени.