Македонија
14. May 2022 - 16:27

По 50 години, прилепската болница доби магнетна резонанца

Прилепчани за прв пат по децени чекање и голем број неисполнети ветувања конечно добија магнетна резонанца во општата болница. Бенефит од овој долго очекуван уред за дијагностика ќе имаат околу 120.000 жители од Прилеп, Крушево, Македонски Брод  и другите помали општини. Граѓаните од регинот за оваа услуга сега нема да мора да патуваат за Скопје или Битола.

„Апарот од денес е поврзан во националниот електронски систем „Мој термнин“ и во папс системите. Апаратот за магнетна резонанца е набавен како дел од ИПА Фондовите за нашата држава за справување со здравствени закани, а зајакнувањето преку овој проект продолжува и во другите општини во други здравствени установи“, рече Беким Сали, министер за здравство.

„Во изминатиов период е спроведена обука и пробни снимања од страна на лекарскиот тим и другиот медицински персонал кои што се целосно подготвени да им ги пружат услугите на своите сограѓани и со тоа да обезбедат најдобра здравствена услуга“, кажа Димитар Ковачевски, премиер на РМ.

Освен за набавка на опрема се работело и на специјализациите на лекарите. Во изминативе 4 години на специјализација биле испратени 40 лекари, од кои само во последната година имало 26 специјазализации и 4 супспецијализации. 

„Тоа е достигнуавње кое значи доопремување на болницата, подобрување на здравствените услови на пациентите, подобра дијагностика, ќе продолжиме да инвестираме пред се во стручен кадар, опрема и инфраструктура“, додаде Кети Смилеска, директор на општа болница Прилеп.

Но Министерот за здравство не даде конкретен одговор за тоа дали и колку нови лекари и друг медицински персонал ќе се вработи оваа година во болницата, ниту тоа дали и кога Итната медицинска помош во Прилеп ќе добие современ објект, затоа што постоечкиот е стар скоро 1 век и е во катастрофална состојба.