По 1 мај средба Мицкоски - Таравари
По 1 мај Мицкоски и Таравари ќе седнат на заедничка средба од која веројатно ќе зависи и столчето на Таравари во владиниот кабинет. Информацијата ја потврди владината прес служба без повеќе детали.
Неофицијално, високи владини извори за Сител потврдуваат дека внимателно се следи развојот на настаните и во моментов не е исклучена ниту една можна опција.
Турбуленциите од коалицијата Вреди се преселија и во Владата откако Таравари се реши на локалните избори да истрча сам. Откако минатата недела рече дека соработката со ДУИ не е опција, викендов потврди дека телефонски разговарал со Ахмети и не ја исклучи можноста за меѓусебна поддршка со интегративците во вториот изборен круг.
Рече дека сака да остане дел од Владата но и дека е подготвен да замине во опозиција. Вицепремиерот Меџити вчера во Тема на денот јавно побара од премиерот да го смени Таравари а од Вреди денеска му порачаа дека надвор од коалицијата тој нема легитимитет.
Третиот владин партнер ЗНАМ денеска не сакаше да го коментира однесувавањето на Таравари.
Арбен Таравари е рекордер по политички прелети во поновата македонска историја. Во последните 8 години 4 пати влегуваше и излегуваше од Владата а во меѓувреме ја предводеше и поделбата на неговата партија, Алијанса за Албанците. Во моментов контролира 5 пратеници во Собранието со кои нема капацитет да влијае на владејачкото мнозинство.
-
Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар