Македонија
1. January 2024 - 16:44

Планинарите од Прилепско подарија огномет за Нова година

Со два спектакуларни огномети од двете страни на Прилеп, едниот од врвот Топташ на Селечка планина, а другиот од спротивната страна на Маркови Кули, планинарското друштво Златоврв од Прилеп ја одбележа 100 годишнината од своето постоење и им посака на сите прилепчани, здравје, среќа, љубов и бериќет во Новата. Воедно, Златоврв е и најстарото планинарско друштво во Македонија, формирано далечната 1924 година, кога всушност започнува и организираното планинарство во државава.

„Среќна Нова 2024 година, среќа, радост, бериќет за сите прилепчани и Македонци. Денеска започнува одбележувањето на 100 годишнината на планинарското друштво Златоврв Прилеп. Вечерва со симболичен огномет ја означивме јубилејната 100 годишнина од нашето друштво, нека се множат сите овие јубилеи“, истакна Христо Белокапоски, претседател на СКК Златоврв.

Едната група планинари и љубители на природата тргна од патот за селото Селце и се упати кон Топташ, а другата од кај познатата карпа наречена Слонот, во подножјето на ридот Маркови Кули, се искачи на познатиот врв Тапанче. 

„Во организација на ПСК Златоврв, 2 групи од две локации, Маркови Кули и Топташ направивме огномет во чест на 100 годишнината од клубот. Ги поздравувам сите љубители на планините, посакувајќи им среќна Нова година, да бидат што поактивни по планините и да се грижат за природата“, рече Златко Ангелески, претседател на ПСК Златоврв.

Ова е првата активност на друштвото за 2024 година која ќе биде исполнета со голем број настани од сите 5 посебни друштва кои со текот на времето се создаваат од Златоврв.

Друга група пак на прилепски планинари, кои себеси се нарекуваат Прилепски планинари авантуристи, веќе 4 година по ред на 01.01. организира качување на највискиот врв во прилепско, врвот Козјак висок 1.478 мнв. Турата за искачување започна утринава од селото Плетвар.

„Да им посакаме среќни празници на сите, Новогодишните и Божикните кои ни следат. Од наредна година се надеваме дека ќе се сплотат сите планинари од Прилеп и сите планинарски друштва од нашиот град, заедно да го направиме ова искачување да бидеме уште побројни, а не да се делимe“, вели Владимир Јованоски, Прилепски планинари Авантуристи.

Во центарот на Прилеп годинава немаше организирано огномет, но затоа сликата на градот со големиот број огномети погледната од околните планини беше навистина прекрасна. Среќна Нова година!