Бизнис
29. December 2020 - 16:44

Плаќаме најевтин бензин во последните 7 години, догодина цените ќе се стабилизираат

Кризната 2020 завршува со најниска малопродажна цена на горивата во последните 7 години. Литар бензин од 95 октани во моментов на бензинските не може да се продава поскапо од 60,5 денари по литар. 62,5 денари за литар е 98 октанскиот бензин а дизелот чини 53 денари.  Во споредба со крајот на минатата година, оваа плаќаме за по 8 денари поевтин бензин и дури 10 денари поевтин дизел за секој литар. Минатогодишната цена на горивата е и највисоката во последните 7 години. Македонците плаќале и по 82 денари за литар бензин на крајот од 2013. Во истата година дизелот чинел 71 денар за литар.

Малопродажните цени на нафтените деривати ги формира Регулаторната комисија за енергетика на седница секој понеделник во неделата. Тие директно зависат од цената на суровата нафта од типот Брент на берзата во Лондон.
Графиконот од таму јасно покажува остар пад на цената на суровата нафта со почетокот на корона кризата на стартот од оваа година. Па така ако на 30 декември лани барел нафта чинел 66,7 долари, неговата цена во април паднала на само 19,33 долари за повторно да се стабилизира на 51,4 долари колку што чинел еден барел вчера. Така се движела и малопродажната цена во Македонија. Оваа година бензинот најевтин бил меѓу 6 и 13 април. 96 октанскиот чинел само 48 денари за литар а 98 октанскиот 2 денари повеќе. Дизелот најевтин бил На 27 април кога еден литар на бензинските пумпи се точел за само 42,5 денари

За годината што следи, првиот човек на регулаторна очекува стабилизација на нафтените пазари но и раст на малопродажните цени.

Според последните податоци на Европската Унија, најскапо е горивото во скандинавските земји каде во просек граѓаните плаќаат по околу половина евро повеќе од Македонците за литар бензин. Тоа и не е некој проблем за нив ако се знае дека во Холандија минималната плата е 1680 евра додека Холанѓаните просечно дома секој месец носат по 2150 евра по вработен.