Македонија
19. July 2019 - 13:02

„Пивофест“ во Прилеп почна во весела атмосфера со посетители од земјава и странство

Во весела атмосфера, со голема забава и музика за сите генерации со голтка пенлив пијалак и вкусна скара, синоќа, во Прилеп беше отворена големата атрактивна летна манифестација „Пивофест 2019“.

Пред илјадници посетители на свеченото отворање на големата фестивалска бина прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, наздравувајќи им порача добредојде на сите посетители.

– Посакувам да се забавувате, да се дружите и со добра мисла да бидеме заедно во Прилеп овие четири фестиваски дена, рече Јованоски.

Атмосферата весела и на штандовите, на плоштадите, пред големата сцена, како и кај алтернативната на Камената бина на плоштадот „Александрија“ и на неколкуте локации во градот со забава за сите генерации.

Според пиварниците и скараџиите, има голем интерес да се вкусат производите, а кулминацијата се очекува овие три дена, особено вечер и утревечер.

Анкетирајќи ги посетителите сретнавме домаќини кои чекаат гости од другите градови од земјава, а веќе се дојдени и гостите од соседството, како и нашинците од дијаспората, особено од Австралија. Неподелено е мислењето дека по Фестивалот, Прилеп е препознатлив во регионот, има 17-годишна традиција која треба да се одржува, а како што нагласува туристичкиот водич Милан Велески, „Пивофест“ е голема туристичка атракција.

-„Пивофест“ е препознатлив и атрактивен како настан во Пелагонискиот регион. Тој е туристичка атракција која го привлекува вниманието на посетителите и гостите од цела Македонија и од странство. мене ми се најавија гости кои моментално се во Скопје и во Охрид дека ќе го посетат „Пивофест“. фестивалот треба да се развива, изјави Велески.

Голем број посетители привлекоа синоќешните изведувачи: „Прилепски еснаф“, дуетот Селимова – Желчески, Ѓорѓе Давид и Ивана Негатив, а посебно внимание предизвика концертот на групата „Галија“ кој ја воодушеви публиката. На алтернативната сцена на Камената бина за младите имаше музика и перформанси на стаклен светлечки робот кој предизвика големи атракции.

Денеска се очекуваат бројни посетители. Вечер на големата фестивалска бина ќе настапат: Ален Хасановиќ, Миле Кузманоски, Кантурови и на крајот Светлана Ражњатовиќ-Цеца.Во текот на утрешниот ден се очекува посета и на политичари и на дипломатски претставници во земјава.