Кошарка
7. October 2015 - 9:33

Пипан: Се „загубивме“ во вториот дел

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром, во вторникот, го забележаа вториот пораз во АБА лигата, откако во Белград загубија речиси добиен натпревар. По поразот од Партизан (72:69) тренерот на МЗТ, Алеш Пипан рекол дека неговиот тим одиграл добро само едно полувреме, но тоа не било доволно за победа.
 
„Му честитам на Партизан. Ние дојдовме со намера да забележиме победа, но за такво нешто не е доволно само едно полувреме, како и добра игра во само еден сегмент. Неодговорно игравме во второто полувреме, не знам за што размислуваа играчите“, рекол Пипан.
 
МЗТ одигра добро прво полувреме со шут од поле од 62 отсто (7/10 за три поени), но во второто полувреме со лошата игра во нападот и техничките грешки го одведоа тимот во пораз.
 
„Кога се повреди Љубичиќ, немавме решение. Имавме и други потешкотии, но тоа не го намалува триумфот на Партизан. Ние ја испуштивме шансата за победа“, дополнил Пипан.