Балкан
14. January 2022 - 8:16

Пицула: ЕУ мора да ја условува финансиската помош за Западен Балкан

Известувачот на Европскиот парламент за Црна Гора, Тонино Пицула изјави дека ЕУ мора да се откаже од концептот на мека моќ и дека финансиската помош за земјите треба да почне да се условува со напредокот во демократизацијата.

Во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ), Пицула рече дека извештаите на независните аналитичари укажуваат дека ЕУ потрошила 700 милиони евра во регионот од 2014 година за зајакнување на демократските институции, но дека тоа едноставно не дало резултати.

 

– ЕУ треба да развие механизам за условување во сите оние случаи кога тие пари не ги даваат посакуваните резултати поради отпорот на политичките елити или влошувањето на ситуацијата со состојбата со човековите права и назадувањето на демократските институции, загрозувајќи ја слободата на медиумите, истакна Пицула.

Тогаш ЕУ треба поодлучно да реагира и да ја прекине исплатата на тие средства, изјави Пицула и додаде дека „различните автократи го разбираат само таков јазик”, пренесува Бета.

 

Пицула, член на Социјалдемократската партија на Хрватска, рече дека во сите земји од Западен Балкан „евидентно е занемарување на демократските институции”, делумно поради внатрешни причини, а делумно поради вакуумот во политиката за проширување на ЕУ.

– Кога недостасуваат визиите карактеристични за европскиот проект, во сила е политичкиот опортунизам на многу земји-членки.Тука е Бугарија, која го оспорува почетокот на преговорите со Македонија, но некои постари членки на ЕУ, како Франција и Холандија, придонесуваат за блокадата на проширување. ЕУ се соочува со внатрешни проблеми и затоа нема сила за нови проширувања, оцени Пицула.

 

Тој изјави дека на Западен Балкан е се поприсутна и геополитичката конкуренција на ЕУ, која не постоела пред десет години, а сега „наметнува агенда”.

– И многу политички елити во Западен Балкан прифаќаат такво влијание. Политичарите размислуваат за следните избори и како на најевтин начин да постигнат нешто, а реформите треба да се сфатат сериозно со перспектива дека можеби нема да добиете повратна корист од самите реформи, смета Пицула.

Тој оцени дека на Западен Балкан се можни одредени конфликти во рамки на одредени земји, „поради многуте нерешени проблеми во заостанатата демократска транзиција”.

Пицула вели дека неодамнешните настани во Црна Гора, како што се локалните избори во Никшиќ и устоличувањето на митрополитот Јоаникиј во Цетиње, покажале дека „повеќе од јасно имаше интерес и влијание на странските актери кои не се во согласност со декларираната ориентација на земјата и нејзиниот пат кон ЕУ”.

– Секако, ја нагласувам и агресивната медиумска кампања која доаѓа од Србија во Црна Гора. Од овие ситуации треба да се извлече поука бидејќи е очигледно дека Црна Гора како мала земја е изложена на геополитички интересни радари на одредени актери, што не е во интерес ниту на на Црна Гора, ниту на ЕУ. Затоа Унијата мора да биде значително поактивна, рече тој.

Тој додаде дека реконструирана влада во која ќе биде вклучена и десничарската коалиција Демократски фронт „би било чекор наназад”.

– Овие проруски и просрпски актери ја доведуваат во прашање не само европската интеграција, туку и елементите на црногорската државност. Со такви политички дејствија, Црна Гора може да биде блокирана со несогледливи последици, рече Пицула.

Во врска со кризата во Босна и Херцеговина, Пицула оцени дека земјата е „постконфликтно, конфликтно и можно предконфликтно општество”.

Тој истакна дека во моментов најголемата опасност во БиХ ја гледа во заканата од спојување на разни хронични кризи кои ги оптоваруваат односите во земјата, особено во последните неколку години.

Тој смета дека српскиот член на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, „го тестира трпението на меѓународната заедница, додека влогот расте”.

Пицула додаде дека дополнително влошување нема да биде само продолжувањето на „насилното и театарско однесување на Додик”, туку и спроведувањето на најавеното одвојување од институциите на Босна и Херцеговина.

– Мислам дека тоа е сериозна опасност бидејќи во моментов не гледам дека се прават посебни напори за да се спречи тоа, освен коментари или некои санкции, посочи Тонино Пицула.