Петиција во ЕП: Кошта да ја откаже посетата на Белград поради присуството на Вучиќ во Москва

Известителот на Европскиот парламент за Косово, Рихо Терас објави на Х дека покренува иницијатива за собирање потписи од други европратеници за петиција со која се повикува претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, да ја откаже планираната посета на Белград.
Според него, присуството на српскиот претседател Александар Вучиќ на воената парада во Москва значи поддршка за руските воени злосторства во Украина.
Терас, член на парламентарната група на Европската народна партија (ЕПП), чиј придружен член е Српската прогресивна партија.
Кошта треба на 13 мај да биде во еднодневна посета на Белград како дел од неговата турнеја низ Западен Балкан.
Во петицијата Терас наведува дека посетата на Кошта на Србија е „многу проблематична“, со оглед на фактот дека Вучиќ вчера присуствуваше на воената парада на рускиот претседател Владимир Путин во Москва. Терас, европратеник од Естонија, изјави дека „армијата што парадира во Москва е истата армија што продолжува да извршува воени злосторства и да убива Украинци секој ден повеќе од три години“.
„Во светот на дипломатијата, ваквите посети (како онаа на Вучиќ) се далеку од чиста формалност. Тие се акти на поддршка. Затоа, присуството на претседателот Вучиќ (на воената парада) претставува одобрување на воените злосторства извршени од Путин и руската армија. Ова го потврдува фактот дека другите лидери кои присуствуваа на тој настан беа претежно од автократии и репресивни режими“, рече Терас.
Тој додаде дека таквото однесување на претседателот Вучиќ треба да биде осудено најостро, бидејќи е спротивно на вредностите на Европската Унија и на сè за што се залага блокот од 27 земји.
„Вашата посета на Србија би имала сосема спротивен ефект, бидејќи би сигнализирала дека Европската Унија го одобрува однесувањето на претседателот Вучиќ, кое е достојно за презир. Како претседател на Европскиот совет, не треба да изразувате поддршка за некој што поддржува воен злосторник. Вашата посета на Србија би имала токму таков ефект, бидејќи би била демонстрација на поддршка за претседателот Вучиќ. Затоа ве повикуваме да ја откажете вашата посета на Србија“, вели Терас во петицијата.
Српскиот претседател за време на вчерашната средба со рускиот претседател Владимир Путин изјави дека сака да верува оти Србија ќе добие многу добри и поволни услови за испорака на руски гас во наредните години. Вучиќ за белградските медиуми изјави дека тој и Путин меѓу другото, разговарале за новиот долгорочен договор за снабдување на Србија со руски гас, кој задоволува околу 85 проценти од потребите на Србија за гас. Претседателот на Србија изјави дека имал „долг, отворен, суштински и искрен разговор за сите теми“ со Путин и неговите соработници.
Тој додаде дека е задоволен од „резултатите од разговорите и вниманието и начинот на кој претседателот Путин ја прими српската делегација и почитта што ја покажа кон Србија“. Вучиќ рече дека слушнал и од Путин и од кинескиот претседател Си Џинпинг, со кого се сретна v;era, „дека тие работат заедно за да воспостават големи промени и пофер поредок во светот“.
Европскиот совет вчера објави дека Кошта ќе биде во Западен Балкан од 12 до 16 мај на турнеја, првично со посета на Србија, каде што на 13 мај ќе разговара со Вучиќ, премиерот Ѓуро Мацут и членови на српскиот парламент. Најавено е дека по Србија, Кошта ќе ги посети Сараево, Подгорица, Приштина, Скопје и Тирана, каде на 16 мај ќе биде ко-домаќин на шестиот самит на Европската политичка унија.
Во соопштението на Европскиот совет се наведува дека за време на престојот на Западен Балкан, Кошта ќе ја нагласи важноста од понатамошно зајакнување на обновениот моментум во процесот на проширување на Европската унија и односите меѓу ЕУ и тој регион.
Ново на Сител
-

Андоновски ќе го претстави новиот систем за СМАРТ лиценци и активностите за „Роаминг како дома“
-

Палестинец уапсен на Крит под сомнение дека е поврзан со Хамас и планирал напади
-

Денес се празнува трето наоѓање на главата на Свети Јован Крстител
-

Лидерите на Украина, Франција и Германија доаѓаат во Лондон на разговори
-

Парламентарни избори во Ерменија
-

Николоски ќе изврши увид во реконструкцијата и надградбата на охридскиот аеродром
-

Топло време со температури до 34 степени, попладне можно краткотрајно невреме
-

Осум лица лишени од слобода поради дрога во Скопје, Тетово и Битола
