Пензионерите задоволни од покачувањето на пензиите
Пензионерите во Македонија се задоволни од покачувањето на пензиите кое треба да почнат да го добиваат со исплатата на септемвриската пензија на 5 октомври, но и на она најавено за наредната година. На таков начин, сметаат тие, се зголемува стандардот и социјалната сигурност на пензионерите, особено тие со пониски пензии и се овозможува тие достоинствено да го живеат третото доба.
- На 5 октомври сите пензионери ќе добијат по 621 денар зголемување на пензиите линеарно. Добро е прифатено од поголем број пензионери. Тоа значи дека сите пензионери кои имаат до 15 илјади пензија ќе добијат зголемување од 4 до 8 отсто, а повисоките нешто помала висина на покачувањето, изјави денеска претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери Драги Аргировски.
Ова, рече Аргировски, заедно со останатите проекти што ги спроведува Владата како бесплатен викенд, бањско климатска рекреација, бесплатен јавен превоз... прави пензионерите да живеат подостоинствено во овој период од нивниот живот.
Тој истакна дека за пензионерите е многу поважно што тие добиле вакво покачување на пензиите, а не покачување согласно законот за усогласување.
Доколку се инсистирало на усогласување на пензиите согласно пораст на платите и трошоците на живот пензиите би се покачиле само за околу 0,125 проценти.
- Тоа е причината зошто не се боревме за усогласување. Да не беше буџетско помагање тогаш пензионерите ќе имаа помала пензија, рече Аргировски.
Во врска со најавеното покачување за идната година, претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери информира дека тоа ќе изнесува 650 денари и исто така ќе биде линеарно.
Доколку догодина има поголема инфлација од планираната тој најави дека дополнително ќе се бара и усогласување на пензиите.
Со последното покачување на пензиите, според Аргировски, просечната пензија во Македонија е зголемена за 73,3 проценти во споредба со 2006 година и изнесува 13.085 денари или околу 212 евра.
Тоа, рече Аргировски, значи дека Македонија има највисока просечна пензија во регионот. Во Србија, информира тој, таа изнесува 190 евра, во Бугарија 170, во Албанија 150, во Косово околу 120 евра, а во Грција постојано се намалуваат.
Ново на Сител
-
Пожар зафати куќа во неготинско Долни Дисан
-
Врховен задутре ќе одржи јавна седница по жалбата на таткото на Вања против мерката притвор
-
Минималната синдикална кошница за април 60.212 денари, зголемена за 1.214 денари во однос на март
-
Цената на лебот засега е стабилна и нема да се менува, велат од Агро-бизнис комората при ССК
-
МВР, ЈО и АНБ комплетно подготвени за претстојните претседателски избори
-
Инаугурацијата на Путин ќе се одржи на 7 мај
-
Шојгу: Русија ќе ги интензивира нападите врз складишта со западно оружје во Украина
-
Просечната плата во февруари изнесува 39.276 денари