Балкан
10. November 2017 - 8:32

Пенс на состанокот со Јилдирим изрази загриженост поради апсењата во Турција

Потпретседателот на САД Мајк Пенс, на средбата со турскиот премиер Бинали Јилдирим, изрази „длабока загриженост“ поради апсењата на американски граѓани и локалниот персонал во американските дипломатски мисии во Турција, како и на новинари и други лица во услови на вонредна состојба, соопшти Белата куќа. 

На средбата, Пенс апелираше за транспарентност и нормални судски процедури за нивните дела, се наведува во соопштението. 

Темите, кои на состанокот беа покренати од Пенс, се однесуваат на некои од проблемите кои создаваат тензии меѓу двете земји во текот на последните месеци, меѓу што и акутниот спор за турскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој живее во САД, а Анкара го обвинува за минатогодишниот обид за државен удар во Турција. 

Како што претходно јави МИА, Јилдирим пред да замине во Вашингтон, истакна дека со американските претставници ќе го разгледа прашањето за барањето на Анкара за екстрадиција на Ѓулен, како и за апсењата на „некои турски граѓани“ во САД. 

Сепак, во соопштението на Белата куќа не се споменува за разговори во однос на тие прашања. 

Пред одреден период, американските претставници истакнаа дека судовите во САД сакаат цврсти докази за да одлучат за екстрадицијата на Ѓулен. 

Белата куќа наведе дека двајцата лидери изразиле надеж дека нивната средба ќе помогне за отварање на нова страница во билатералните односи. 

Тие се согласиле дека меѓу нив е потребен конструктивен дијалог, како пријатели и сојузници, во однос на спорните прашања.