Македонија
21. July 2019 - 11:30

Пендаровски: Зборувам за помирување, а не за нечија амнестија

Претседателот Стево Пендаровски во интервју за Радио Слободна Европа вели дека се залага за помирување, а на забелешките на ВМРО-ДПМНЕ дека помирувањето го сфаќа како амнестија за премиерот Зоран Заев и неговите соработници истакнува дека „нема намера да го амнестира Заев или неговите блиски, ако сториле криминал“. Во интервјуто вели и дека со изјавата за Гоце Делчев ја засилил македонската преговарачка позиција.

– Македонската јавност треба да знае дека комисијата од историчари составена од Македонија и Бугарија западна во ќорсокак. Практично дојде до ситуација, дојде до периодот 19-20 век, во кој бугарската страна инсистираше, по мое убедување од политички мотиви, сè што се случувало во тој период да биде препишано само на бугарската историја и сите тие дејци, сите револуционери и сите настани да бидат дефинирани како исклучиво бугарски. Јас после една долга серија консултации, кои ги имав со академиците во нашата академија, со членовите на нашата комисија, со истакнати интелектуалци и професори по историја на наша страна, од нашата држава, заклучив дека е потребен извесен политички ветер во грб на нашата страна од комисијата и една политичка рамка да речам, не конечно или целосно решение, туку една политичка рамка во која идните разговори во рамки на таа комисија, евентуално можат да се одвиваат, рече Пендаровски.

Во спротивно, според него, добивавме чиста блокада, значи прашање беше на време кога до крајот на годината, освен она што го имавме со години од Атина, ќе добиевме чиста блокада кон ЕУ од Софија.

– Последната средба на комисијата во Скопје не беше продуктивна, има закажано следна средба во септември, во меѓувреме тие меѓу себе, членовите на комисијата имаат интензивна комуникација, циркулираат материјали во двете насоки во смисла да се најде заедничко стојалиште за тие работи и да дојдеме до она што е примарната цел на таа комисија да зборуваме за личности, не за сите, и да зборуваме за настани, не за сите настани во тие два века кои се споделени, не се само македонски, не се само бугарски, бидејќи целта е, повторувам, да видиме каде имаме споделена историја, не таа  да биде комплетно бугарска и ние од оваа страна само да потпишеме таква работа, бидејќи тоа не е целта на комисијата и што е поважно тоа не е историски факт, вели Пендаровски.

Пендаровски, за помирувањето, наведува дека тоа било негова заложба и пред да биде избран за претседател, но оти тоа е долг процес во кој мора да учествуваат многу политички субјекти и други општествени чинители.

На прашањето да ги коментира изјавите дека процесот на помирување го разбира како амнестија на Зоран Заев и неговите луѓе, тој вели дека нема никаква намера и денес и во следните пет години да го амнестира Заев ако направил криминал и кој било од неговите блиски соработници во партијата или во Владата ако направиле криминал.

Во однос на тоа дали земјава ќе добие датум за преговори со ЕУ, Пендаровски вели дека во моментов не постои ниту една европска држава, ниту една земја членка на ЕУ, ниту една европска влада која има став дека Република Северна Македонија не треба да почне со преговори до крајот на годината.

– Моите први две посети надвор, откако стапив на функцијата, беа во Брисел, каде што имав средби со највисоките функционери на досегашната Европска Комисија и Европскиот Совет. И потоа посета на Берлин, каде што имав средба со највисоките германски претставници, вклучително и со германскиот претседател Штајнмаер. Од најрелевантни места добив уверувања дека одложувањето во Германија е од чисто технички причини и оти нема политички причини во позадината, како што имаше шпекулации и кај нас и во дел од меѓународниот печат, односно медиуми, рече претседателот Пендаровски во неделното интервјуто за Радио Слободна Европа.