Македонија
23. September 2023 - 16:39

Пендаровски смета дека Груевски нема да се врати поради измените во КЗ

Со измените на Кривичниот законик, Груевски нема да се врати во Македонија, тврди Претседателот Пендаровски во интервју за Гласот на Америка на македонски јазик. Тврди дека е свесен за проблемот кој Македонија го има со корупцијата но според него, причина за тоа не се законите туку нивната примена. 

„Нема амнестија. Ако не се предвидуваат казни или ако се брише делото, а тоа не е случај, во тој случај би рекле да, има амнестија.
Постои (опција за застарување на кривичното дело), меѓутоа само се намалува времето за кое застаруваат (кривичните дела). Јас можам да ви кажам за дел од тие одредби барем членот 353 (злоупотреба на службена положба и овластување), (делата) застаруваат за 8 години.
Не е амнестија на ниту еден начин. Ако тоа навистина беше амнестија, Груевски денеска ќе беше во Македонија. Груевски не е во Македонија.“ – вели Пендаровски.

Пендаровски вели дека причина плус зошто се потпишал на измените на Кривичниот законик кој беа донесени за само 24 часа се и големиот број на одлуки кои Судот во Стразбур ги носи против Македонија за судење во разумен рок. 

- Јас го поставувам овој пример: во 2015 година формиравме Специјално јавно обвинителство, по распуштањето на СЈО, пред три години сите предмети ги преземаа редовните обвинителства. Што е пресудено досега од тие високи случаи? „Мерцедесот“ за Гордана Јанкуловска – тоа не е доволно. Зошто осум години откако се отворија првите најголеми случаи досега никој од тие луѓе не отиде во затвор. И сега, овие што се критичари на измените на Кривичниот законик велат да, па малку е осум години. Колку треба да им дадеме? 28 години за да ги завршат постапките? Знаете дека се криеа предмети во фиоки. Знаете се судеше со години и на крај ќе ви речат – еден од поротниците заминува во пензија - одиме на ново судење – вели Пендаровски.

Наспроти овој став на Претседателот, оние кои треба да работат со новиот закон тврдат дека законските измени влијаат на културата на неказнивост во земјава. Екс обвинителката на СЈО, Ленче Ристевска вчера во изјава за медиумите рече дека законските измени се навреда за сите кои работат во борбата против корупцијата и вложиле многу труд во предмети кои сега ќе им застарат.