Пендаровски повикува на сплотеност, Мицкоски најавува година на промени
Изминува тешка година во која нема многу причини за радост и славење, оценува шефот на државата. Во новогодишната честитка Пендаровски вели дека и во многу потешки времиња граѓаните никогаш не ја загубиле вербата и надежта и дека само со заеднички напори Македонија може да оди напред.
- Потребно е да се вратиме на вредностите кои му даваат смисла на животот. Во новата година да бидеме подобри, посолидарни, потолерантни и како поединци и како заедница. Да ги надминеме недоразбирањата кои со години нè држат во место. Наместо на трката по материјални добра, да ѝ дадеме приоритет на добрината, да си помагаме едни на други, да градиме хумано и благородно општество, пишува Пендаровски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пак, во својата новогодишна честитка најавува дека 2024-та ќе биде година на промени. Време е, светлината да ја победи темнината, да се вратат надежта, моралот и насмевките, вели Мицкоски.
- Верувам во вас. Природно е да имаме по некоја разлика, но сите имаме иста цел, и таа не обединува, а тоа е обновена Македонија. Имаме сила за големи успеси и квалитет во 2024 година да создадеме иднина во која секој ќе се чувствува подобро. Ќе има повисок стандард, ќе има ред и поредок, морал и правда, промоција на националните и државни интереси..Добрите дела, вербата во луѓето и во Бога, и стремежот за промени ни даваат мотив и сила. И знам дека ќе успееме! 2024 година ќе биде годината на промените. И да, не чека многу работа, но и голема победа за секој еден од вас! - вели Мицкоски
Во вчерашните честитки пак на премиерот Ковачевски, вицепремиерот Маричиќ и министерот Османи преовладуваа повици до опозицијата да ги поддржи уставните измени за следната година Македонија да ги почне преговорите со ЕУ, а до 2030-та да стане и полноправна членка.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар