Македонија
5. November 2019 - 16:47

Пендаровски идната недела на средба со Макрон во Париз

Претседателот Стево Пендаровски идниот вторник ќе се сретне со својот француски колега Емануел Макрон во Париз. Информацијата ја потврдуваат од претседателскиот кабинет на Водно, додавајќи дека Пендаровски ќе оствари билатерална средба со францускиот шеф на државата. Тоа ќе биде прва средба на претставник на македонскиот државен врв со Макрон по фијаското во Брисел од каде Македонија се врати без датум за старт на преговорите со Европската Унија, а како главен виновник за тоа беше посочен официјален Париз.
Претходно, премиерот Заев потврди дека неколку месеци пред самитот во Брисел се обидувал да договори средба со Макрон но без успех.
Пендаровски во Франција патува во понеделник а на неговата агенда покрај средбата со Макрон е и обраќањето на Парискиот мировен форум на кој се очекува присуство на повеќе од 30 шефови на држави и влади.
Франција важи за главен кочничар на проширувањето на Европската Унија, а Претседателот Макрон од европските лидери побара реформи во преговарачкиот процес и средување на состојбите внатре во унијата.