Македонија
18. May 2021 - 19:54

Пендаровски и Радев заедно во Рим - ќе успеат ли претседателите да ги подобрат односите помеѓу двете влади

Без преголем оптимизам и со доза на претпазливост, претседателот Пендаровски ја најавува средбата со бугарскиот колега Радев како џентлменски разговор. Не очекува суштински преговори, на заедничкото чествување на просветителите Кирил и Методиј.

Претседателите ќе летаат во ист авион кон Рим и назад и заедно ќе посетат неколку локации, Пендаровски вели дека спорот ќе биде неизбежна тема за разговор, но дека за неговото решавање се задолжени владите во Скопје и во Софија.

Не сме таму за да преговараме, вели претседателот, туку да им оддадеме почит на личностите кои не беа спорни ниту во мешовитата историска комисија.

Според Пендаровски, заедничкото чествување е еден добар симболичен гест од двете страни, кој, како што посочи, може да ја олабави атмосферата во пресрет на преговорите меѓу двете земји, а во врска со бугарската блокада во ЕУ.

Бугарскиот државен авион ќе слета во Скопје на 26-ти мај, по што во него ќе се качи македонската делегација предводена од Пендаровски. Двете делегации ги чекаат неколку заеднички активности во Рим, а агендата предвидува и одвоени средби со поглаварот на Римокатоличката црква Франциск.

Заедничкото чествување на просветителите Кирил и Методиј беше планирано и лани, но него го одложи пандемијата од Ковид-19.