Македонија
22. јуни 2021 - 16:43

Пендаровски бара да се засили партнерството со САД

Македонија да се фокусира на враќање во живот на договорот со Вашингтон од 2008-та. Ова го предлага шефот на државата Пендаровски, по како што вели, неуспехот на ЕУ да ги отвори вратите за земјава. Појаснува дека тоа не значи откажување од евроинтеграциите -  на соработката со САД да се гледало како алтернатива.

„Што ако спорот со Бугарија се одолговлечи години и години? Не велам 25 како со Грција, ние не можеме да седиме со скрстени раце и да чекаме од Брисел добри вести. Во тој договор има четири до пет области во кои би требало да се обидеме да ги конкретизираме работите и конкретно да влеземе во соработка со САД. За оваа работа, најверојатно наскоро ќе имаме неколку средби на ниво на државно раководство“, изјави Стево Пендаровски, Претседател на државата.

Во однос на блокадата од Софија, Пендаровски вели дека историјата не може да биде критериум за влез во ЕУ. 

„Не е европски критериум дали 1800 и не знам која, тој и тој бил бугарин или македонец. Значи ние не можеме како сегашни политичари во 2021 да разговараме за историски теми и особено не може историскиот критериум или разговорите за историјата да бидат критериум за влез во ЕУ која е направено во 1957 година. Ние сега треба да разговараме за Цар Самоил од пред 10 века, може да разговараме ама не може тоа да биде критериум за влез во ЕУ“, изјави Пендаровски. 

Според Пендаровски, ако Европската унија наскоро не отстапи од праксата за консензус, земјите од Западен балкан никогаш нема да станат членки на ЕУ.