Пекарите најавуваат нов раст на цените поради недостиг на работници
Наместо да ги намалат цените поради поевтината струја, пекарите најавуваат ново поскапување оти немале доволно кадар. Токму затоа бараат субвенции за работодавачите или работниците. Сметаат дека ќе дојде до блокада во работењето и зголемени цени на печивата, бидејќи има сериозен недостиг на месачи, пекари и бурекџии. Најголем дел од вработените биле пред пензија, а младите немале интерес да го работат тоа.
„Тоа е субвенционирање за вработување. Значи, им се помага на компаниите, но и на вработени лица да можат да влезат во работните процеси, затоа што во обуката, лицата коишто се обучуваат истовремено добиваат определени парични средства додека одат на обука, а после тоа веднаш се вработуваат. Им се дава можност на лицата да ја сакаат оваа професија“ – Наташа Јаневска, СКСМ.
Вработен во приватна пекара вели дека проблемот е сериозен, младите си одат за да работат во странство, а платите за пекар во Македонија и Германија биле скоро па исти.
„Драстично се качува цената на трудот кај самите вработени. Веќе нема многу разлика дали бурекот ќе го прави тука или во Германија. Сега имав еден таков пример, цените малтене им се изедначени.“ - Игор Стојановски, вработен во пекара.
Сепак, бројките покажуваат дека македонската и германската плата не се нималку слични. Просечната плата за пекар во Германија месечно изнесува скоро две и пол илјади евра, плус бонуси. Кај нас, пак, просекот едвај достигнува 500 евра.
Инаку, пекарите и останатите компании за основни продукти имаат уште неколку дена рок да ги намалат цените од 7 до 13% поради субвенционираната струја. Во спротивно, министерот за економија најави дека поволноста ќе им биде укината. Од стопанската комора ни рекоа дека не се засегнати да коментираат, оти барале поевтина струја за да не се затворат фирмите и не гарантирале дека производите ќе поевтинат.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар