Македонија
20. јуни 2021 - 16:39

Пчеларите револтирани од владиниот предлог за наплата на пашарина за пчелите

Комичен и апсурден е новиот предлог закон со кој што Владата сака да им наплаќа пашарина на пчеларите за тоа што нивните пчели оделе на државно земјиште. Ова е ставот на прилепските пчелари кои рекоа дека ваков закон немало во ниту една друга земја во светот. Секаде пчеларите добивале пари за да нивните пчели опрашуваат, а само кај нас тие треба да плаќаат за пашарина на државата.

„Незнам зошто институциите сакаат да го воведат нештото на еден шверцерски начин без консултација со здруженијата и пчеларската фела. Нас ни бараат да плаќаме за пашарина за државни пасишта, но пчелите одат и на приватни пасишта, ние не можеме пчелите да ги насочиме да одат само на државна површина, туку одат тие и на државна површина, што е за жал апсурно“, вели Љупчо Ѓорѓиоски, претседател на здружение „Братство“ од Прилеп.

„Бидејќи јас сум во контакт со голем број пчелари од Балканот, па и пошироко тие се затекнати и вчудоневидени од овој предлог закон што не постои никаде, ниту на Балканот, па ниту на едно друго место во светот“, додаде Зафир Зафироски, пчелар.

Ова било само дополнителен товар во време на климатски промени кога пчелите се на голем удар и се помалку се добива мед на годишно ниво од пчелно семејство.

„Голем дел од плечарите го работат ова како семејна традиција, голем дел го работат од хоби и редок е бројот на оние кои што можат да живеат само од пчеларство, како основна дејност. Односно сите ние пчеларите работиме нешто друго за да егзистираме, а ова доколку порано беше дополнителна дејност сега е дополнителен товар“, рече Ѓорѓиоски.

Пчеларите се пожалија и на тоа дека немаат земено субвенции за лани, а немало слух ниту за намалување на данокот за купување плечарска опрема.

„Сите земјоделци досега го користат бенефитот на програмата за Рурален развој, а нивниот данок е 5%, само на нас пчеларите, данокот не ни е намален и тој останува 18%“, вели Зафироски.

Пчеларите се надеваат дека државата во иднина ќе има поголем слух за нив и дека овој предлог нема да биде донесен.