Македонија
2. December 2021 - 12:27

Пазарџиите и денеска збунети - за само еден ден намален прометот на пазарите

Продавачите на битолскиот пазар велат дека не знаат како треба да продолжат да работат откако вчера стапи на сила забраната за пластични кеси. Некои се снабдија со хартиени кеси, некои со торби, некои ги трошат кесите кои им заостанале. Велат дека и прометот им се намали.

-Обезбедивме малку кеси, нешто што останало. Но ништо не се знае за понатаму. Купувачот ќе дојде со торба, а ние како? Дали може во торба да се стави грозје, може да се стави риба? Какви кеси ќе употребуваме? Не знаеме како да работиме, не можеме во торба да им ставаме така. Продажбата оди слабо, им пакуваме во ќулавки, не вратија во 90-те назад. Ни бегаат муштериите, во што да им дадеме спанаќ, в џеб да го носи, прашуваат битолските продавачи на пазар.

Дел од граѓаните кои беа на пазар носеа торби, некои стари кеси. Мислењата за забраната на пластичните кеси им се поделени.

-15 денари не ми се исплаќа, 10.000 пензија земам. За сиромашните не може вака да се издржи. Тука е торбата, како ќе наредат големите, така ќе се однесуваме. Ми се чини е оправдано, Македонија ја претворивме во ѓубре. Си носам од дома, ќе почнеме и со торби, ако е морално ќе се носи, велат купувачите на битолскиот пазар.