Македонија
13. January 2017 - 17:00

Павлопулос: Македонија е една и грчка

Користејќи го вакумот во преговорите за спорот за името, заради неколку изборни циклуси и во Грција и во Македонија, шефот на грчката држава Прокопис Павлопулос, не пропушта ниту еден јавен настап, а да не ја нападне Македонија за фалсификување на историјата и иредентистички намери.

Обраќајќи се во Академијата за одбрана за грчката надворешна политика и за национални прашања, тој упати порака да Македонија дека нема да стане дел од европското семејство сè додека инсистира на името.

,,Јасно е дека сè додека инсистира да го користи името, кое освен фалсификување на историјата, шири и иредентизам, нема да има европска перспектива. Европското право ги исклучува државите-кандидати кои на каков било начин го оспоруваат статусот кво на границите на државите членки на ЕУ’’, рече Павлопулос.

Павлопулос не бира ниту време, ниту место во изминатите месеци, а да не повтори дека дека „Македонија е една и грчка“. Во сите свои обраќања тој ја обвинува за историски фалсификат и територијални претензии, за разлика од владините претставници кои постојано на потребата од засилување на соработката и бенефитите од мерките за градење доверба, како и за намерите за продолжување на преговорите за името веднаш по формирањето на новата влада.

Во обраќањата на Павлопулос досега немаше место за преговорите за спорот што се водат во рамките на обединетите нации, ниту за медијаторот Метју Нимиц, кој изјави дека очекува покана за посета од Атина и Скопје веднаш по изборот на новата македонска влада.

Судејќи според официјалните изјави, за Павлопулос во решавањето на споровите на Грција со Македонија и Турција, но и за Кипар постои само почитување на меѓународното право, иако токму Грција е таа што не го почитува ниту правото, ниту пресудите на меѓународниот суд на правдата во корист на Македонија.