Свет
7. July 2024 - 13:35

Патриоти за Европа нова група во ЕП или само ново име за десничарската Идентитет и демократија

Минатата недела Фидес – Унгарска граѓанска алијанса на унгарскиот премиер Виктор Орбан, Партијата на слободата на Австрија (ФПО) на поранешниот австриски министер за внатрешни работи Херберт Кикл и Акцијата на незадоволни граѓани (АНО) на поранешниот чешки премиер Андреј Бабиш најавија формирање на нова десничарска политичка група во Европскиот парламент под името Патриоти за Европа.

Формирањето на Патриоти за Европа беше протолкувано како создавање на „десничарска супергрупа“, што беше најавувано во последните месеци од повеќе партии на десницата со спојување на досегашните групи Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР) и Идентитет и демократија (ИД).

Но, во меѓу време во средата се конституираше десничарската група Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), која за свои копретседатели ги избра Никола Прокачини од партијата Браќа на Италија (ФДИ) на италијанската премиерка Џорџа Мелони и Јоахим Бруџински од полската Право и правда (ПиС) на Јарослав Качински. За потпретседатели беа избрани Асита Канко од белгиската Нова фламанска алијанса (Н-ВА), Ерман Терч од шпанската Вокс, Александр Вондра од чешката Граѓанска демократска партија (ОДС) и Чарли Вејмерс од Шведските демократи (СД).

И покрај најавите за можно напуштање на групата и преминување во Патриоти за Европа, полската ПиС сепак остана дел од ЕЦР, која во моментов со 84 пратеници е трета по бројност пратеничка група во Европарламентот.