Македонија
15. јуни 2016 - 8:26

„Патот за Истанбул“ за отворање на 9. Француски филмски фестивал

Со филмот „Патот за Истанбул“ на алжирскиот режисер Рашид Бушареб снимен оваа година, вечер во кино „Милениум“ ќе почне 9. Француски филмски фестивал кој ќе се одржува во Скопје и Охрид во организација на Амбасадата на Франција и Францускиот институт со поддршка на Министерството за култура. 

Гостинка на фестивалот е актерката од овој филм, Астрид Ветнал. Филмот третира актуелна тема - одлуката на млада девојка од Белгија (Елоди) да замине во војна во Сирија и очајот на нејзината мајка (Елизабет) која решава да замине во Сирија и да ја врати дома.

Мото на годинашниот фестивал е „Различна кинематографија“ бидејќи, како што рече амбасадорката на Франција Лоренс Оер на прес-конференција, целта е да покаже иновативност и ангажираност. 

На фестивалската програма се уште пет филма во Скопје  („Страв“ и „Утре“ на 16 јуни,  „Фатима“ и „Лето“ на 17 јуни и „Ни на небо ни на земја“ на 18 јуни) и три филма во Охрид кои ќе бидат прикажани во Центарот за култура „Григор Прличев“ („Каприс“ на 16 јуни, „Три срца“ на 17 јуни и филмот „Судија“ на 18 јуни). Се работи за најнови остварувања кои имаат бројни награди, меѓу другите и наградата „Цезар“. 

Покрај актерката Астрид Ветнал, гостин на фестивалот ќе биде и режисерот Кристијан Венсан од филмот за затворање „Судијата“, кој е награден во Венеција, како и Жилиен Езано, претставник на Националниот центар за филм на Франција (CNC), и Одре Бијар, директорка на фестивалот за краткометражни филови „Off-Courts“.

Тие во Агенцијата за филм на РМ утре  ќе имаат средба со филмските професионалци од Македонија за да стапат во контакт и да разменат искуства кои можеби би резултирале со копродукции меѓу двете земји. 

Втора година во рамки на фестивалот се организира и натпревар за минивидео за млади. Наградените ќе бидат соопштени на 17 јуни во кино „Култура“. Првата награда е еднонеделен престој во Долна Нормандија на фестивалот „Off-Courts“.