Македонија
15. August 2024 - 16:38

Партиски обвинувања за бегството на Рамадани

Еден ден пред да му истече мерката куќен притвор, поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани побегна од Македонија. Судот по жалба на обвинителството одлучил Рамадани да биде вратен во притвор, ама полицијата не го пронашла на адресата каде престојувал во куќен притвор.  Бегството доаѓа по точно две недели откако судијата Пајазит Пајазити од кривичниот суд одлучи Рамадани да оди во куќен притвор, бидејќи, Србија која го бара за воени злосторства, дотогаш не испратила барање за екстрадиција.

Според премиерот Мицкоски, случајот уште еднаш покажал дека се потребни реформи во правосудството.

„Ова што се случува во нашиот правосуден систем е само уште еден чекор кон тоа повеќе да се потребни оние промени за кои јас цело време апелирам и зборувам. Едноставно, 2 отсто доверба кај граѓаните резултираат со вакви многу прашања и дилеми. Зошто тоа се случува како тоа се случува  кој тоа таму носи одлуки зошто се носат вакви одлуки, зошто некој бега зошто некој друг не бега“, изјави Христијан Мицкоски, Претседател на Влада.

Опозициската СДСМ, вина за бегството на Рамадани, гледа кај министерот за внатрешни работи.. Прашуваат дали го дозволил бегството или станувало збор за неспособност..

„Бегството на Рамадани, човек баран со меѓународна потерница е уште еден настан во низата кои потврдуваат дека МВР под Тошковски нема контрола над државата. Прашуваме како е можно да се дозволи бегство на затвореник баран со меѓународна потерница? “ вели Богданка Кузеска, Портпарол на СДСМ.

Министерот Тошковски пак вели дека МВР постапувало професионално..По апсењето, Рамадани бил предаден на судот, па обвинувањата од опозицијата ги смета за манипулација со јавноста..

„Во случајот со бегството на Блерим Рамадани, вистинското прашање треба да биде зошто судот одлучил да го стави лицето во куќен притвор наместо во ефектирвен притвор. Познавам писмени правници и во СДСМ кои ја разбираат поделбата на власта и знаат дека МВР и судот се различни институции, но жано е што раководството на СДСМ и нивната ПР служба ги игнорираат овие факти и обвинуваат за да добијат ситни политички поени“, објаснува на Фејсбук, министерот Тошковски.

Од партијата на Ахмети, пак тврдат дека нивните политички противници од ВРЕДИ ги понижуваат албанците поранешните војници на УЧК.

„За само 50 дена владеење без легитимите, ВазаЛени ги поништи сите национали достигнувања и сега ги понижува и поранешните војници на ОВК со директни наредби од Вучиќ и Србија“, велат од ДУИ.

Минстерот за здравство Тарави кој прв честиташе што Рамадани оди во куќен притвор, денеска вели дека одговор за неговото бегство треба да дадат институциите.. Смета дека поранешниот припадник на ОНА воопшто не требало да биде затворен.

По барање на судот, МВР распиша централна потерница за пронаоѓање на побегнатиот Рамадани.