Македонија
2. August 2022 - 16:56

Партиски честитки за Илинден

Да ја чуваме и развиваме Македонија на патот кон ЕУ, но само како горди Македонци со своја историја, македонски јазик и идентитет - политичките чинители со честитки но и пораки за македонскиот национален празник Илинден.

Првиот човек на ДУИ Али Ахмети ја истакнува важноста на заедничкото востание од 1903-та кое како што вели ги обедини граѓаните на земјата за каузите за слобода, еднаквост и мир.

„Пред 119 години, патот до слободата ќе започне од Крушево, долго, но триумфално патување, предизвик по предизвик благодарение на подготвеноста на многу генерации од оваа земја заедно да застанат на вредностите на слободата, еднаквоста и мирот. Сега, благодарение на сите тие храбри процеси низ кои поминавме, ние сме земја членка на НАТО, пример за мировни процеси, порачува Ахмети.

Социјалистичката партија на Македонија со честитка за Илинден, но и реакција дека актуелната македонска Влада изминативе години, наместо да се грижи и чува, заборави на АСНОМ-ското Решение за воведување на македонскиот јазик за службен јазик во македонската држава.

Денес нашата држава Македонија е доведена во состојба и понатаму да биде држава на предизвици, на самодокажување, на борба за сопствениот македонски идентит, за зачувување на македонскиот јазик, заробена меѓу минатото и иднината. Илинден е празник кој, пред сè, треба да го покаже нашето единство меѓу народот, како и сплотеноста меѓу сите политички фатори во државата, затоа што Илинден му припаѓа само на македонскиот народ и не е можно да се дели со некој друг, велат од Социјалистичката партија на Македонија.

Реагира и кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, Илинден е светол македонски празник и како никогаш досега важно е да ја знаеме и почитуваме својата македонска историја.  

Да го почитуваме и празнуваме овој голем македонски празник, да ја славиме македонската историја, да се грижиме за нашите граѓани да имаат подобар живот, да им овозможиме на младите поголеми шанси за напредок ида вложуваме во нивната иднина. Само на овој начин ќе можеме да кажеме дека сме успеале, вели Димитриевски.